Најмалку 15 лица се повредени, некои потешко, откако автомобил се заби во толпа во градот Нова Иберија во американската држава Луизијана, каде што требаше да се одржи прослава за Лаошка Нова Година.
Осомничениот е во притвор, а истрагата е во тек, изјави Ребека Меланкон, портпаролка на канцеларијата на шерифот, по инцидентот, кој се случил во близина на прослава на Нова Година во Лао. Сè уште не е познато дали инцидентот бил намерен.
Брзата помош превезела 13 лица во болница, а уште две лица биле пренсени со хеликоптер.
Организаторите на новогодишната прослава објавија на Фејсбук дека ги откажуваат сите концерти закажани за сабота навечер, како и продажбата на алкохолни пијалоци.
„Длабоко сме тажни од веста за инцидентот во близина на местото на фестивалот“, рекоа тие на социјалните мрежи. „Се молиме за жртвите и нивните семејства во ова тешко време“, додадоа тие.
Тридневниот фестивал се одржувал секоја година за време на велигденскиот викенд, а се состоел од музички изведби, паради и други активности за прославување на Лаошката Нова Година.