Австриската полиција уапси 31-годишен државјанин на Латвија, кој во понеделникот попладне се заканувал на патници во воз што се движел на рутата Виена – Инсбрук, пренесуваат локалните медиуми.
Инцидентот се случил околу 13 часот, кога осомничениот започнал вербално да им се заканува на неколку патници со насилство и изјавил дека ќе земе заложници доколку полицијата се качи во возот, соопштија властите.
Возот бил итно запрен на главната железничка станица во Салцбург, каде што полициските сили го уапсиле мажот по краток отпор. Еден полицаец бил повреден при апсењето.
Видео објавено од новинската мрежа NEXTA на платформата X прикажува како неколку полициски службеници го совладуваат и изнесуваат осомничениот од перонот, но снимката сè уште не е независно потврдена.
Полицијата потврди дека осомничениот не бил вооружен, а неговиот мотив засега е непознат.
Инцидентот се случува само два дена по нападот со нож во Велика Британија, кога 32-годишен маж рани 11 лица во воз и беше обвинет за десет обиди за убиство — настан што повторно го отвори прашањето за безбедноста во европските железници.