Австрискиот канцелар Кристијан Штокер најави дека постои можност во Австрија да се одржи референдум на кој граѓаните би се изјасниле за идниот модел на задолжителна воена служба.
„На референдумот би се одлучувало за воената обврска, а одлуката би била правно обврзувачка“, изјави Штокер, лидер на Австриската народна партија (ÖVP), на новогодишниот состанок на партијата.
Неговата најава предизвика изненадување кај коалициските партнери – Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) и либералната партија НЕОС. Од SPÖ порачаа дека прашањето најпрво треба да се разгледа внатре во владата.
„Дали референдум на федерално ниво за ова прашање има смисла, мора најпрво темелно да се анализира во рамки на кабинетот“, соопштија социјалдемократите.
Од партијата НЕОС потсетија дека претходно било планирано резултатите од експертската анализа да се разгледуваат во парламентот. Стручното тело, формирано по иницијатива на владата, неодамна изработи студија во која се предлага продолжување на воениот рок од сегашните шест на осум месеци, со дополнителни два месеци обука во резервниот состав.
Во Австрија, која не е членка на НАТО, во последниот период интензивно се води јавна дебата за воената подготвеност на земјата во случај на евентуален напад. Дел од јавноста и експертите укажуваат на сериозни слабости во капацитетите на австриските вооружени сили.
Во моментов, во Австрија важи задолжителна воена служба за сите мажи, која трае шест месеци. Алтернативното цивилно служење трае девет месеци.
