Кога ќе помислат на гужви во туризмот, многу луѓе веднаш помислуваат на Шпанија, Франција или Грција, но титулата најпосетена земја во светот во однос на бројот на жители ја држи Австрија.
Анкетата спроведена од MoneyTransfers.com покажа дека Австрија има најмногу туристи по глава на жител, со дури 3,6 туристи на секој Австриец, што ја става оваа земја на врвот на листата. Со само околу девет милиони жители, Австрија годишно пречекува приближно 32 милиони меѓународни посетители. Поголемиот дел од туристите се фокусирани на главниот град, Виена, објавува Mirror.
Познат како Град на соништата, Виена привлекува посетители со својата барокна архитектура, историски знаменитости и жив ноќен живот. Меѓу најпопуларните атракции се палатата Шенбрун, Виенската државна опера и Природонаучниот музеј. Градот е исто така омилена дестинација меѓу нашите иселеници.
Иако Виена е навикната на големи бранови туристи, зголемената популарност на помалите австриски градови почнува да предизвикува проблеми бидејќи многу од овие места не се опремени да се справат со таков прилив на посетители.
Најдобар пример е Халштат, живописен град познат по своите идилични алпски куќи, водопади и солени езера, сместен во подножјето на снежните планински врвови. Неговата популарност нагло порасна откако се прошири гласот дека токму Халштат послужил како инспирација за кралството во анимираниот филм на Дизни „Замрзнато“.
Овој мал град под заштита на УНЕСКО, со само 800 постојани жители, годишно пречекува повеќе од еден милион туристи. Пред пандемијата, до 10.000 посетители минувале низ неговите тесни улички дневно, што ги натерало локалните власти да се обидат да воведат мерки за намалување на толпите.
