Австралија подготвува забрана за социјалните мрежи за деца под 16 години

Австралиската влада се подготвува да објави кои социјални мрежи ќе бидат опфатени со најавената забрана за деца под 16 години, што стапува во сила во декември, додека најголемите технолошки компании – Meta, YouTube, TikTok и Snapchat – започнаа силна лобистичка кампања за да добијат изземање.

Министерката за социјални услуги, Тања Плибершек, изјави дека Владата „нема да биде заплашена од ниту еден социјален медиумски гигант“ и останува решена да ги заштити децата од штетни содржини и негативни последици врз менталното здравје.

Како реагираат платформите?

Meta
Компанијата зад Facebook и Instagram промовира нови заштити за тинејџерски профили, како блокирање пораки од непознати, филтрирање на потенцијално непристојни содржини и приватни профили по дифолт. Во Сиднеј беше организиран и настан за „екранска безбедност“ наменет за родители-креатори.

YouTube
Иако првично ѝ беше ветено изземање, регулаторот за онлајн безбедност препорача платформата да се вклучи во забраната, наведувајќи дека токму таму децата најчесто се изложени на штетни содржини. YouTube започна агресивна кампања со реклами, писма до министри и лобирање преку креатори на содржини, а се заканува и со судски тужби ако биде вклучен во забраната.

TikTok
TikTok промовира образовни и инспиративни содржини за тинејџери, како дел од аргументот зошто не треба да биде дел од забраната. Со реклами истакнува примери како #fishtok и видеа за готвење или STEM, кои наводно им помагаат на младите да развиваат нови вештини.

Snapchat
Snap се фокусира на безбедноста, со предупредувања при разговор со непознати, како и соработка со австралиската полиција на видео-едукации за препознавање на онлајн злоупотреба и грабеж. Случајот со 11-годишно девојче кое било злоупотребено преку платформата претставуваше аларм за итно дејствување.

Владиниот став

Премиерот Ентони Албанезе потврди дека Владата ќе продолжи со законските измени, наведувајќи ја менталната штета кај младите како примарна грижа. Тој додаде: „Некои социјални мрежи се загрижени бидејќи Австралија станува лидер во оваа област. Јас сум горд што стоиме цврсто против заканите.“

Додека се чека конечната одлука, јасно е дека битката меѓу владината регулатива и интересите на технолошките гиганти допрва ќе се заострува.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни