Австралиските дождовни шуми испуштаат повеќе јаглерод отколку што апсорбираат, предупредуваат научниците

Австралиските тропски дождовни шуми станаа првите во светот кои испуштаат повеќе јаглероден диоксид отколку што апсорбираат, откри ново истражување кое ги поврзува овие промени со климатските последици.

Вообичаено, дождовните шуми се сметаат за т.н. „јаглеродни мијалници“ – екосистеми кои впиваат повеќе јаглерод отколку што ослободуваат, при што новите дрвја го надоместуваат јаглеродот ослободен од оние што умираат. Но, според нова студија на универзитетот „Western Sydney“, екстремните температури во последните децении довеле до поголема смртност на дрвјата отколку раст на нови, што го нарушува природниот баланс.

Главната авторка на студијата, д-р Хана Карл, изјави за австралиската телевизија ABC дека резултатите имаат сериозни импликации за глобалните цели за намалување на емисиите. „Моменталните модели можеби ја преценуваат способноста на тропските шуми да ги ублажат последиците од согорувањето на фосилните горива“, нагласи таа.

Истражувањето, објавено во списанието Nature, покажало дека уште пред околу 25 години шумите во Квинсленд преминале од јаглеродни апсорбери во извори на јаглерод, поради распаѓањето на мртвото дрвно ткиво – таканаречената „дрвна биомаса“.

„Шумите ни помагаат да ги ублажиме најтешките ефекти од климатските промени, но нашето истражување покажува дека таа способност е под сериозна закана“, предупреди д-р Карл. Таа додаде дека сè поголемата смртност на дрвјата се должи на растечките температури, сушите и поекстремните временски услови, како и на сè почестите и посилни циклони.

Наодите се базирани на 49 години податоци од 20 различни шуми во Квинсленд, што дава редок и детално документиран увид во долгорочните климатски ефекти. „Имаме докази дека влажните тропски шуми на Австралија се првите во светот кои го покажуваат овој премин на дрвната биомаса – и тоа е навистина алармантно“, изјави Карл. „Ова би можело да биде нашето ‘канаринче во рудникот’ – рано предупредување за она што доаѓа.“

Сениор авторот на студијата, проф. Патрик Меир, оцени дека резултатите се „многу загрижувачки“ и предупреди дека и другите тропски шуми во светот би можеле да реагираат на сличен начин, иако потребни се дополнителни истражувања за потврда.

Австралија, која важи за еден од најголемите загадувачи по глава на жител, неодамна постави нова цел за намалување на емисиите – намалување од најмалку 62% во однос на нивото од 2005 година во следната деценија. Но земјата и понатаму се соочува со меѓународна критика поради континуираната зависност од фосилни горива, откако владата ѝ дозволи на компанијата Woodside да продолжи со работењето на гасниот проект North West Shelf уште 40 години.

Минатиот месец, друг извештај за климатските промени утврди дека Австралија веќе го надминала прагот на затоплување од 1,5°C, предупредувајќи дека ниту една заедница во земјата нема да биде поштедена од „поврзани, надополнувачки и истовремени климатски ризици“.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни