Австралискиот премиер го известил британскиот премиер дека неговата влада ќе ги поддржи сите законски чекори за отстранување на поранешниот приц Ендру од линијата на наследување на британскиот престол.
Ендру, кој моментално е осми во наследниот ред, беше лишен од кралските титули во октомври, вклучително и титулата принц, по силниот јавен притисок поврзан со неговите контакти со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Тој континуирано ги негира сите обвинувања.
Можно ново законско решение
Британската влада разгледува можност за носење посебен закон со кој формално би се отстранил од наследниот ред. Ова следува по неговото неодамнешно апсење под сомнение за злоупотреба на јавна функција. По 11-часовно испрашување бил пуштен, а истрагата продолжува.
Албанезе во писмото истакнал дека станува збор за „сериозни обвинувања кои Австралијците ги сфаќаат сериозно“, додавајќи дека правната постапка мора да се одвива целосно и фер.
По апсењето се огласи и кралот Чарлс трети, кој порача дека надлежните институции треба темелно и прописно да го истражат случајот.
Потребна поддршка од земјите на Комонвелтот
За отстранување од наследниот ред е потребен парламентарен акт кој треба да го усвојат и Долниот и Горниот дом, а да стапи на сила со кралска согласност.
Дополнително, законот мора да биде поддржан од 14 земји на Комонвелтот во кои кралот Чарлс III е шеф на државата, меѓу кои се: Австралија, Канада, Јамајка и Нов Зеланд.
Последен пат некој бил отстранет од наследниот ред со парламентарен акт во 1936 година, кога Едвард VIII абдицирал и бил исклучен од линијата на наследување.
Политички реакции во Британија
Министерот за одбрана Лук Полард оцени дека отстранувањето на Ендру би било „исправен чекор“, без оглед на исходот од истрагата.
Случајот дополнително ја засили дебатата за улогата на монархијата и транспарентноста во институциите на Обединетото Кралство, додека истрагата продолжува.