Meta, TikTok и Snapchat ќе се усогласат со австралискиот закон иако не се согласуваат

Трите најголеми социјални мрежи изразија несогласување со новиот закон што им забранува пристап на корисници под 16 години, но најавија дека ќе ги почитуваат правилата.

Компаниите Meta, TikTok и Snapchat соопштија дека, иако не се согласуваат со новите регулативи на австралиската влада кои забрануваат корисници под 16 години да имаат профили на социјалните мрежи, ќе ги почитуваат законските одредби.

Од Snapchat изјавија дека не се согласуваат со политиката, но ќе ја почитуваат, нагласувајќи дека ќе ги усогласат сите свои активности со новите барања на властите.

Meta најави дека ќе стапи во контакт со околу 450.000 корисници под 16 години во Австралија, за да им понуди избор — бришење на податоците или нивно привремено задржување до наполнување на возраста од 16 години.

Од TikTok порачаа дека ќе воведат автоматски механизми за проверка на возраста, при што системот ќе може да ги идентификува корисниците кои лажно прикажуваат возраст повисока од реалната. Доколку платформата утврди дека корисникот е помлад од дозволената возраст, профилот ќе биде деактивиран.

Новите правила ќе стапат во сила на 10 декември 2025 година, а компаниите кои нема да се придржуваат кон законот ќе се соочат со казни до 50 милиони австралиски долари.

Овој закон е дел од пошироката стратегија на австралиската влада за заштита на малолетниците на интернет, која вклучува построги критериуми за верификација на возраст, ограничување на пристапот до содржини со чувствителна тематика и одговорност на платформите за безбедноста на младите корисници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни