Од 10 декември, социјалните мрежи ќе мора да ги затворат профилите на сите малолетни корисници под 16 години – во спротивно следуваат казни до 50 милиони долари. Австралија направи уште еден чекор во својата кампања за заштита на младите корисници на интернет. Владата ја прошири листата на социјални мрежи кои ќе мораат да воведат возрастно ограничување за деца под 16 години, додавајќи ги Reddit и Kick покрај веќе познатите Facebook, Instagram, TikTok, Snapchat, X (Twitter), Threads и YouTube.
Од 10 декември 2025 година, овие платформи ќе имаат законска обврска да ги затворат профилите на сите австралиски деца под 16 години.
Високи казни за прекршителите
Според министерката за комуникации Аника Велс, платформите што нема да преземат „разумни мерки“ за спречување на пристап на деца под 16 години ќе се соочат со парични казни до 50 милиони австралиски долари (околу 28,3 милиони евра).
„Во изминатиот месец се сретнавме со повеќе социјални мрежи за тие да разберат дека нема изговор за непочитување на законот,“ изјави Велс во Канбера.„Технологијата што се користи за да се таргетираат децата мора да се искористи и за нивна заштита,“ додаде таа.
Надзор и следење на ефектите
Спроведувањето на законот ќе го надгледува Комесарката за е-безбедност, Џули Инман Грант, која најави дека листата на ограничени платформи ќе се проширува во чекор со технолошките трендови.
Таа најави дека ќе се спроведуваат истражувања за да се процени влијанието на забраната – дали децата ќе спијат повеќе, ќе бидат физички поактивни или ќе развијат подобри социјални навики надвор од интернет.
„Ќе ги следиме и неочекуваните последици, за да собереме докази што ќе им помогнат и на други земји да учат од австралиското искуство,“ изјави Инман Грант.
Европа внимателно следи
Одлуката на Австралија предизвика глобален интерес.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека е инспирирана од австралискиот „здраворазумски пристап“.
И Данска веќе најави дека ќе го следи примерот на Канбера, во обид да ги заштити младите од штетното влијание на социјалните мрежи.
Критики и загриженост за приватноста
И покрај поддршката, некои експерти предупредуваат дека забраната може да влијае врз приватноста на сите корисници, бидејќи ќе мора да се докажува возраст при регистрација.
Владата уверува дека податоците на корисниците ќе останат максимално заштитени.
Минатата година, над 140 австралиски и меѓународни академици потпишаа отворено писмо до премиерот Ентони Албанезе, во кое предупредуваат дека поставување фиксна старосна граница е „премногу груб инструмент“ за справување со ризиците од интернетот.
Со овој закон, Австралија стана прва земја во светот што воведе универзална возрастна граница за користење на најголемите социјални мрежи.
Одлуката може да стане пример за нова глобална политика за дигитална заштита на младите.