Австралија и Јапонија кажаа „не“ на воени бродови во Ормускиот теснец

Канбера и Токио соопштија дека засега не планираат поморска операција во стратегискиот теснец, и покрај повикот на Доналд Трамп сојузниците да помогнат во деблокирањето на клучниот енергетски коридор.

Австралија и Јапонија соопштија дека не планираат да испратат свои воени бродови во Ормускиот теснец, и покрај повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до сојузниците да помогнат во обезбедувањето на овој стратешки поморски премин.

Австралиската министерка за транспорт Кетрин Кинг изјави дека Австралија е свесна за значењето на Ормускиот теснец за глобалната економија, но дека испраќањето воени бродови не е опција што моментално се разгледува.

„Нема да испратиме бродови во Ормускиот теснец. Свесни сме колку е важен, но тоа не е нешто што е побарано од нас, ниту нешто во што моментално учествуваме“, изјави Кинг за австралиската национална телевизија ABC.

Слична позиција соопшти и Јапонија. Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми изјави дека Токио во оваа фаза не размислува за поморска безбедносна операција во регионот.

„Со оглед на моменталната ситуација во Иран, не разгледуваме поморски безбедносни операции“, изјави Коизуми.

Ормускиот теснец, еден од најважните светски енергетски коридори, во последните денови практично е блокиран откако Техеран реагираше на американско-израелските напади врз Иран. Овој теснец е клучна рута за глобалниот транспорт на нафта, поради што секоја ескалација директно влијае врз светските енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни