Twitch, стриминг-платформа која е исклучително популарна меѓу гејмерите, е додадена на списокот на социјални мрежи кои од следниот месец ќе бидат забранети за тинејџери во Австралија, пишува BBC.
Со тоа се приклучува на платформите како Facebook, Instagram, TikTok и Snapchat, кои ќе мора да обезбедат лица помлади од 16 години да не можат да отвораат нови профили, додека постојните ќе бидат затворени од 10 декември.
Австралискиот интернет-регулатор, кој ја надгледува примената на забраната, објасни дека Twitch – во сопственост на Amazon – е вклучен затоа што неговата примарна намена е „онлајн социјална интеракција“, каде што корисниците се поттикнуваат на меѓусебно допишување и разговор околу објавениот содржина.
Портпаролот на Twitch потврди дека Австралијците помлади од 16 години од 10 декември нема да можат да отворат профил, а од 9 јануари постојните профили на помладите корисници ќе бидат деактивирани.
Заштита на децата од онлајн притисоци
Образложувајќи ја одлуката, комесарката за е-безбедност Julie Inman Grant изјави дека Twitch е „платформа која најчесто се користи за пренос во живо или објавување содржини што им овозможуваат на корисниците, вклучително и децата во Австралија, да комуницираат со други околу она што го гледаат“.
Таа додаде дека не се очекува дополнителни платформи да бидат додадени на списокот пред почетокот на забраната следниот месец.
Владата претходно наведе дека целта на забраната е да се намалат „притисоците и ризиците“ на кои децата може да бидат изложени на социјалните мрежи, вклучително и штетната содржина.
Што е Twitch и како функционира?
Основан во 2007 година, Twitch е популарна платформа за пренос во живо, каде корисниците најчесто играат видеоигри и истовремено разговараат со гледачите.
Минатата година платформата воведе промени во поделбата на приходите со креаторите, овозможувајќи им заработка преку претплати на фановите. Приходот, по одбивањето на надоместоците, се дели подеднакво меѓу Twitch и креаторите.
Според постојните правила на платформата, користењето е забрането за лица под 13 години, додека корисници од 13 до полнолетство може да се приклучат со дозвола од родител или старател.
Строги казни и нејасна примена
Julie Inman Grant во петокот исто така појасни дека Pinterest, каде корисниците создаваат онлајн табли со фотографии, нема да биде вклучен во забраната затоа што неговата основна намена не е социјална интеракција. Наместо тоа, платформата „почесто ја користат луѓе кои собираат слики за инспирација и кураторство на идеи“, додаде таа.
Оваа австралиска забрана – прва од ваков тип во светот за лица под 16 години – ги опфаќа и YouTube, Reddit, Kick, Threads и X.
Забраната ги задолжува технолошките компании да преземат „разумни чекори“ за да спречат лица под 16 години да ги користат нивните платформи. Во спротивно, им се закануваат казни до 49,5 милиони австралиски долари.
Meta – сопственик на Facebook, Instagram и Threads – претходно оваа недела најави дека ќе започне со гасење профили на корисници под 16 години веќе од 4 декември, една недела пред забраната да стапи во сила.
Сè уште не е јасно како компаниите ќе ја спроведуваат забраната, но можните методи вклучуваат користење лични документи, препознавање на лице или глас, како и алгоритми за проценка на возраста врз основа на онлајн однесување.
