Австралија со Г7 гради стратешки резерви: фокус на критични минерали

Антимон, галиум и ретки земни минерали се во приоритетот на австралиската стратегија за безбедни синџири на снабдување, договорена во пресрет на состанокот на Г7 во Вашингтон.

Австралија најави формирање стратешки резерви во вредност од 1,2 милијарди австралиски долари, при што приоритет ќе имаат антимон, галиум и ретки земни минерали – суровини од клучно значење за чистите енергетски технологии, високотехнолошкото производство и напредната воена опрема.

Одлуката беше објавена во пресрет на состанокот на министрите за финансии на Г7, кој денеска се одржува во Вашингтон. На состанокот, покрај Австралија, учествуваат и претставници на водечките светски економии.

Поголемиот дел од земјите членки на Г7 (меѓу кои се САД, Велика Британија, Јапонија, Франција, Германија, Италија и Канада) во моментов се во голема мера зависни од увоз на ретки земни минерали од Кина. Токму поради таа зависност, групата минатата година усвои акциски план за развој на сопствени и посигурни синџири на снабдување.

Австралискиот министер за финансии Џим Чалмерс изјави дека земјата е меѓу најголемите светски производители на стратешки минерали и дека новите резерви ќе помогнат во ублажување на глобалните економски потреси. „На светот му се потребни стратешки минерали, Австралија ги има, и овие резерви ќе ја зајакнат трговијата, инвестициите и безбедноста на снабдувањето – и за нас и за нашите сојузници“, рече Чалмерс.

Во првата фаза, фокусот ќе биде на минерали клучни за транзицијата кон чиста енергија и за високотехнолошките индустрии, соопштија од неговиот кабинет. Резервите ќе функционираат преку доделување права за минерали произведени во Австралија и нивна препродажба за задоволување на побарувачката, со што дополнително ќе се поттикне домашниот сектор.

Министерката за ресурси Маделин Кинг најави дека владата ќе достави закон до парламентот со кој ќе се прошират овластувањата на агенцијата за финансирање на извозот и Министерството за индустрија за надзор на трансакциите поврзани со овие резерви. „Стратешките резерви треба да започнат со работа до крајот на годината“, изјави Кинг, додавајќи дека подготовките за договори за откуп на идно производство се веќе во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни