Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради навредите, нападите и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи поврзана со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од АВМУ оценуваат дека ваквите постапки претставуваат директен напад врз личната безбедност на новинарите, но и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде навремено и точно информирана. Агенцијата потсетува дека новинарите имаат право, но и професионална обврска, да известуваат и да укажуваат на прашања од јавен интерес, без притоа да бидат изложени на притисоци, закани или каков било вид насилство.
„Нападите и омаловажувањата кон новинарите создаваат атмосфера на страв и несигурност, што директно влијае врз квалитетот на информирањето и демократските процеси во општеството“, се наведува во реакцијата на АВМУ. Особено загрижувачки, според Агенцијата, се смртните закани упатени кон Видиновски, кои претставуваат сериозно кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од страна на надлежните институции.
АВМУ очекува институциите, пред сѐ органите на прогонот, со должно внимание и професионалност да ги разгледаат сите наводи и да преземат соодветни мерки за заштита на новинарот. Притоа, Агенцијата нагласува дека ваквите случаи мора да добијат јасен институционален епилог, со цел да се испрати недвосмислена порака дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви и нема да останат неказнети.
Реакцијата на АВМУ доаѓа во време кога јавноста и новинарските здруженија сѐ почесто предупредуваат на зголемен број закани и напади кон медиумските работници, особено на социјалните мрежи. Од Агенцијата апелираат на поголема одговорност во јавниот говор и на почитување на улогата на медиумите како коректив на општеството и чувар на јавниот интерес.
