Конфликтот на Блискиот Исток засега нема да предизвика поголеми нарушувања во авиосообраќајот од македонските аеродроми, информираат од ТАВ Македонија.
Можно е ограничено влијание кај дел од дестинациите, но генерално се очекува стабилност во бројот на летови и патници.
Единствена позначајна промена е одлуката на Wizz Air да ја прекине редовната линија Скопје–Ларнака од 13 април, која во иднина ќе се реализира како сезонска, поради намален интерес.
Од ТАВ посочуваат дека најголемиот дел од сообраќајот е поврзан со европски дестинации, што го намалува директното влијание од кризата.
Компанијата е во постојана комуникација со авиопревозниците и внимателно ја следи ситуацијата.
Со почетокот на летниот ред на летање се воведуваат и нови линии. Од Скопје ќе оперираат 16 авиокомпании до 49 дестинации, додека од Охрид ќе има летови до 13 дестинации со седум авиокомпании.
Меѓу новитетите се линиите Охрид–Милано, Скопје–Неапол, повторно воведување на Будимпешта, како и летови кон Палермо и Алгеро.
Во меѓувреме, започнува реконструкцијата на охридскиот аеродром, инвестиција од 2,7 милиони евра, која треба да заврши до крајот на мај и нема да го попречи сообраќајот.
По силната 2025 година и зимската сезона, од ТАВ очекуваат продолжување на растот со зголемен број патници и нови дестинации.