Пилот на ултралесен авион кој влечел рекламен банер загина откако леталото со кое управувал се урна во морето во близина на плажата Копакабана, во Рио де Жанеиро, соопштија локалните власти.
Несреќата се случила околу 12:30 часот по локално време, а телото на пилотот е пренесено во Институтот за судска медицина, каде што ќе биде извршена официјална идентификација, пренесуваат локалните медиуми.
Спасувачките екипи на противпожарната служба веднаш излегле на терен и го пребаруваат делот од Атлантскиот Океан каде што паднал авионот. Во потрагата се користат водени скутери, гумени чамци, нуркачи, воздушна поддршка и сонарна опрема, со цел да се пронајдат евентуални дополнителни остатоци од леталото.
Видео-снимки од безбедносни камери, објавени од властите, го прикажуваат моментот кога авионот со предниот дел се забива во водата во непосредна близина на плажата, која во тој период била посетена од голем број луѓе.
Бразилското воено воздухопловство соопшти дека е отворена истрага за утврдување на причините за несреќата. Според првичните информации, авионот „Цесна 170 А“ бил во сопственост на рекламна компанија и бил ангажиран за воздушно рекламирање над туристичката зона.
