Поради инцидентот, сите патници биле итно евакуирани од леталото, пренесуваат британските медиуми.
Инцидентот се случил додека патниците веќе биле сместени во авионот и чекале полетување. Еден од патниците за The Scottish Sun изјавил дека ситуацијата била вознемирувачка.
„Беше застрашувачко. Пилотот се јави преку разгласот и се обиде да ја смири ситуацијата, како да не е толку сериозна колку што изгледаше. Авионот штотуку почна да се движи кон пистата кога удри во цистерната за гориво“, изјавил патникот.
Нема прекин во аеродромскиот сообраќај
Портпарол на аеродромот во Единбург потврди дека дошло до „инцидент“, но демантираше информации за пожар, нагласувајќи дека настанот не влијаел врз редовното одвивање на сообраќајот на аеродромот.
Од Шкотската противпожарна и спасувачка служба соопштија дека добиле повик по судирот меѓу авионот и камионот за гориво и дека едно противпожарно возило било ставено во состојба на готовност, додека аеродромските екипи ја презеле интервенцијата.
Ryanair обезбедил заменски авион
Од авиокомпанијата Ryanair појаснија дека до инцидентот дошло кога врвот на крилото на авионот дошол во контакт со кабината на камионот за гориво.
„Летот од Единбург за Фаро се подготвуваше за поаѓање кога дојде до контакт помеѓу крилото на авионот и возилото за гориво. Патниците безбедно го напуштија авионот, а обезбеден е заменски авион за реализација на летот“, соопштија од Ryanair.
Претходни слични инциденти
Ова не е прв ваков случај поврзан со авиони на Ryanair. Минатата година, истрага на Одделот за истраги на воздухопловни несреќи во Обединетото Кралство утврди дека авион на компанијата претрпел сериозна штета по судир со заштитна бариера на аеродромот Станстед во Лондон.
Инцидентот се случил во август 2024 година, кога Boeing 737 бил маневриран со земјен тегач. Во авионот тогаш имало 181 патник и шест членови на екипажот, но, за среќа, немало повредени.
Извор: Index.hr