Авиокомпаниите продолжуваат да го избегнуваат иранскиот и ирачкиот воздушен простор

И покрај повторното отворање на небото над Иран, европските превозници остануваат претпазливи, додека интернет-блокадата во земјата трае веќе втора недела.

Европските авиокомпании и во четвртокот продолжија да го избегнуваат иранскиот и ирачкиот воздушен простор, и покрај тоа што тој формално беше повторно отворен, јавува Ројтерс.

Превозници како Wizz Air, Lufthansa и British Airways ги пренасочуваат своите летови преку Авганистан и Централна Азија, поради загриженост за безбедносната ситуација во регионот. Иран во средата привремено го затвори воздушниот простор поради можни воени закани, што доведе до откажување и пренасочување на летови.

Иако воздушниот простор повторно беше отворен по речиси пет часа, бројни авиокомпании одлучија да продолжат со алтернативни рути. Германија им препорача на авиопревозниците да не влегуваат во иранскиот воздушен простор, додека компании како KLM, Finnair, Ryanair и Air France исто така воведоа ограничувања од претпазливост.

Во меѓувреме, прекинот на интернет во Иран трае веќе втора недела. Според податоците на организацијата NetBlocks, властите го блокирале пристапот до мрежата повеќе од 180 часа. Иако можноста за телефонски повици кон странство е делумно обновена, интернет-услугите и понатаму остануваат недостапни.

Таквата состојба значително го отежнува добивањето информации, фотографии и видеа од земјата во реално време и, според набљудувачите, им овозможува на властите полесна контрола на информациите поврзани со протестите и немирите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни