Авиоиндустријата се соочува со силен притисок – цените на горивото нагло растат, авио-компаниите ги зголемуваат цените на билетите, а веќе започнуваат и првите поголеми кратења на летови.
Она што до неодамна изгледаше како краткорочен шок, сè повеќе наликува на нов тренд во воздушниот сообраќај. Скандинавската компанија SAS најави дека во април ќе откаже најмалку 1.000 летови, поради тоа што цената на авионското гориво се удвоила за само десет дена, како последица на кризата на Блискиот Исток.
Извршната директорка Анко ван дер Верф изјави дека компанијата веќе откажува стотици летови во март, а по Велигден ќе следуваат уште поголеми намалувања.
Компанијата се обидува да го заштити клучниот сообраќај, па најпрво ги крати летовите на рутите каде што постојат алтернативни врски во истиот ден.Иако SAS има околу 800 летови дневно и мерките не се драматични, од компанијата велат дека тие се неопходни. Патниците ќе бидат навреме информирани и пренасочени каде што е можно.
Цените на билетите веќе растат
Компанијата истовремено најави и зголемување на цените. Просечниот лет ќе поскапи за околу 45 евра, додека трансатлантските летови ќе бидат поскапи за околу 240 евра. За патниците тоа значи дека пролетта и летото 2026 година може да донесат значително повисоки цени на авионските билети од очекуваното.
Кризата не ја погодува само една компанија. Поради војната и растот на цените на горивото, и други авиопревозници воведуваат доплати, ги зголемуваат тарифите или го намалуваат бројот на летови.
Клучниот проблем доаѓа од енергетскиот сектор. Нападите врз нафтена и гасна инфраструктура, како и стравот за снабдување преку Ормускиот теснец, доведоа до нагло зголемување на цените на енергенсите. Според извештај на Гардијан, цената на нафтата „брент“ достигнала речиси 103 долари за барел, што е раст од околу 50 проценти од почетокот на конфликтот. Рафинираните производи, како авионското гориво, се погодени уште повеќе.
Авиокомпаниите сега се соочуваат со тежок избор: да ги апсорбираат трошоците и да го намалат профитот, да ги префрлат на патниците или да го намалат бројот на летови. Сè почесто се избира комбинација од второто и третото решение – поскапи билети и помалку летови.
Иако некои компании засега се заштитени преку претходно договорени цени на гориво, оваа заштита не е трајна. Доколку кризата продолжи, притисокот ќе се прошири и врз нив.
Тоа значи нова реалност за патниците – во време на геополитички тензии, цената на летовите веќе не зависи само од сезоната и побарувачката, туку и од цената на горивото, која може драматично да се промени за само неколку дена.