Неговиот син, кој зборуваше за BBC, вели дека нивниот живот е во директна опасност ако бидат вратени во Авганистан.
Документи до кои дојде BBC укажуваат дека мажот бил припадник на специјалните единици „Triples“ – елитни сили кои соработуваа со британската армија во Авганистан.
Иако Талибанската власт тврди дека сите Авганистанци можат да живеат без страв во земјата, неодамнешен извештај на ОН под наслов “Нема безбедно прибежиште” ја доведува во прашање искреноста на тие уверувања, особено кога станува збор за поранешни воени соработници на западните сили.
Семејството го поднело барањето за азил преку британската програма ARAP (Afghan Relocations and Assistance Policy) веднаш по враќањето на талибанците на власт во август 2021 година. Иако нивната апликација била поддржана од Министерството за одбрана на Велика Британија, семејството се уште чека одлука, додека се наоѓа во Пакистан.
Синот на приведениот, наречен Рајан (името е променето од безбедносни причини), раскажа како избегал од апсење криејќи се во бањата на хотел во Исламабад со сопругата и нивното осуммесечно бебе. Неколку членови на неговото семејство биле одведени во привремен центар за странци.
„Мојот брат ми се јави и ми рече дека биле ставени во просторија со уште 90 луѓе. Потоа по име ги повикале и ги издвоиле. Страшно ми е дека секој момент може да ги депортираат,“ рече Рајан.
Семејството е во Пакистан од октомври 2024 година, кога ги дале биометриските податоци, но оттогаш не добиле никаков одговор.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што податоците на ова семејство биле меѓу речиси 19.000 случаи на апликанти за преселување во Велика Британија, кои по грешка биле јавно објавени во февруари 2022 година. Многу семејства стравуваат дека поради тоа станале лесна мета.
Рајан, кој сè уште се крие, вели дека се моли британската амбасада да го пресели на побезбедна локација.
Пратеникот на Лабуристичката партија, Калвин Бејли, кој служел како командант во Кралските воздухопловни сили и работел со единиците Triples, ја нарече ситуацијата „длабоко вознемирувачка“. „Овие луѓе заслужуваат повеќе од минимална заштита. Должни сме да им помогнеме,“ рече тој.
Пакистанските власти, пак, остануваат цврсти во ставот дека ги депортираат сите „нелегални странски државјани“, без разлика на нивната лична ситуација. Од септември 2023 година, според податоци на ОН, повеќе од 1,15 милиони Авганистанци се вратени назад преку програмата за репатријација.
Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Талал Чаудри, изјави за BBC: „Треба да прашате британските власти зошто толку доцнат со преселувањето на Авганистанците. Поминаа веќе години.“
Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци, околу 3 милиони Авганистанци живеат во Пакистан, од кои 600.000 пристигнале по преземањето на власта од страна на талибанците во 2021 година. Половина од нив, проценува ОН, се без документи.
ОН постојано повикуваат Пакистан да се осигура дека секое враќање е „доброволно, безбедно и достоинствено“, особено за лица како семејството на Рајан, кои имаат сериозна причина за страв.