Авганистан „во мрак“: Талибанците го исклучија интернетот низ целата земја

Талибанците целосно го исклучија интернетот во Авганистан, предизвикувајќи телекомуникациски колапс. Активисти и медиуми изгубија контакт со внатрешноста на земјата.

По неколку локални случаи на блокирање на интернетот во одредени делови од Авганистан, утрово целата земја се разбуди во потполна телекомуникациска блокада. Причината за тоа е целосното исклучување на интернетот од страна на талибанците, кои ја презедоа власта во земјата во 2021 година.

Ова го потврди и Важама Токи, активистка за човекови права со потекло од Авганистан, која живее во Германија.

„Талибанците воспоставија интернет блокада низ целата земја. Не можам да стапам во контакт со ниту еден член од моето семејство – ни преку интернет, ни преку телефон“, објави Токи, повикувајќи ги и другите да проверат дали можат да се слушнат со своите најблиски.

Меѓународната новинска агенција AFP објави дека изгубила контакт со својата канцеларија во главниот град Кабул, вклучително и мобилната телефонија.

Претходно на 17 септември 2025, талибанците веќе забранија интернет во северниот дел на Авганистан, објаснувајќи дека се борат против „неморалот“.

Мобилниот интернет и сателитската телевизија се исто така сериозно нарушени низ целата земја. Поради прекинот на интернетот, нарушени се и домашните летови.

Во претходните случаи на блокади, талибанците тврдеа дека „интернетот е коренот на секое зло“ и дека „се коси со нивните верски и морални начела“.

Засега, не е познато колку долго ќе трае оваа блокада, ниту какви долгорочни последици може да предизвика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни