Autechre за првпат во Скопје – авангардна електроника во октомври 2026

ROTKO books&music го најавува гостувањето на легендарното британско електронско дуо, кое по повеќе од три децении радикална иновација конечно ќе настапи пред скопската публика.

Autechre, едни од највлијателните и најиновативни пионери на глобалната електронска сцена, за првпат ќе настапат во Скопје во октомври 2026 година. Настанот го најавува ROTKO books&music, најавувајќи редок и исклучително значаен музички момент за локалната сцена.

По комплетно распродадената турнеја во 2025 година, Шон Бут и Роб Браун влегуваат во уште една интензивна концертна фаза. Во 2026 ги очекуваат настапи во Јапонија во февруари, како и нова серија европски датуми во септември и октомври, меѓу кои и нивниот досега најголем хедлајн концерт во Лондон. Скопје се најде на таа мапа – како дел од селектирана европска рута.

Autechre со децении важат за појава „од сенките“ во електронската музика: авангардни, технички брилијантни и бескомпромисно иновативни. Од деби-албумот Incunabula, преку култните Tri Repetae и LP5, па сè до монументалните, алгоритамски генерирани композиции во NTS Sessions, нивниот звук постојано ги поместува границите на жанрот и инспирира генерации артисти.

Потекнувајќи од Рочдејл, во близина на Манчестер, Бут и Браун го започнуваат својот експериментален пат во раните 1990-ти со евтина аналогна опрема и радикална визија. Токму таа визија подоцна ќе го обликува она што медиумите го нарекоа IDM (Intelligent Dance Music) – сцена во која Autechre останаа репер за техничка и концептуална слобода.

Нивното најново издание е достапно преку Warp Records, етикетата што со децении стои зад нивната работа и зад пошироката британска електронска авангарда. Билетите се достапни на mktickets.

Бидете подготвени – ова не е само концерт, туку музички настан што Скопје ретко го доживува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни