Австралија во средата започна со погреби на жртвите од антисемитскиот масовен напад што ја потресе прославата на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј. Стотици ожалостени се собраа на првите церемонии, кои се одржуваат под строги безбедносни мерки, додека истрагата за нападот сè уште е во тек.
Според официјалните информации, најмалку 15 лица го загубија животот, а повеќе од 20 лица сè уште се хоспитализирани по нападот што се случи во неделата. Сите досега идентификувани жртви се припадници на еврејската заедница, на возраст од 10-годишно девојче до 87-годишен преживеан од Холокаустот.
Првиот погреб беше одржан за Ели Шлангер, сопруг, татко на пет деца и помошник-рабин во Чабад-Лубавич на Бонди. Тој бил еден од организаторите на настанот „Ханука покрај морето“, каде што се случи нападот, а истовремено работел и како капелан во затвори и болници.
Обраќајќи се пред присутните со солзи во очите, неговиот тест, рабин Јехорам Улман, изјави дека неговата најголема болка е што не му кажал доволно често колку бил сакан и ценет.
Надвор од погребната служба, улиците беа затворени, а полицијата вршеше проверки на идентитетот, додека безбедносните сили остануваат во состојба на зголемена готовност. Погребните церемонии беа одложени неколку дена поради судско-медицинските истраги, поврзани со нападот.
Според првичните наоди, нападот наводно го извршиле татко и син, а истрагата продолжува со цел целосно да се расветлат мотивите и околностите на злосторството. Австралиските власти засега не соопштуваат дополнителни детали, нагласувајќи дека станува збор за исклучително чувствителен случај.
Настанот предизвика шок и длабока тага во Австралија и пошироко, повторно отворајќи ја дебатата за антисемитизмот, безбедноста на верските заедници и насилството мотивирано од омраза.
