Лучиќ се смета за многу близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, појаснуваат медиумите.
Во овој разговор, Лучиќ му кажува на Милер дека српскиот претседател побарал замена на една од клучните личности во „United Media“, Александра Суботиќ. Таа ги води независните медиуми во Србија – ТВ Н1, Нова С, како и новинските куќи „Данас“ и „Радар“, објаснува „Крик“.
Милер му објаснува на Лучиќ дека пред да ја замени Суботиќ, прво мора да ја ослабне компанијата што ја води. „Морам да ја направам оваа компанија многу мала во Србија“, вели тој.
„Разбирам дека вашиот претседател се јавил и е многу вознемирен, и можам да го разберам тоа, но морам да најдам начин да го направам тоа брзо и ефикасно“, буквално му вели Стан Милер на Лучиќ во разговор одржан кон средината на овој месец.
Милер ја презеде „Јунајтед груп“ пред два месеци, а „проблемот“ што мораше да го реши е Александра Суботиќ, жена која раководи со една од компаниите во групацијата, „Јунајтед медиа“, и под чие водство се неколку медиуми кои критички ја известуваат владата во Србија. Се чини дека телевизијата Н1 е најголемиот трн во окото на српскиот претседател.
„Кога ветувам нешто, го исполнувам. Го држам зборот“, му рече Милер на Лучиќ, додавајќи: „Проблемот е што премногу работи се случуваат пребрзо на премногу фронтови, вклучително и оваа работа во Србија. (…) Не можам да ја отпуштам Александра денес, како што разговаравме, нели? Морам да ја направам оваа компанија многу мала во Србија, ако разбирате што мислам. Да се оддели… Тоа бара време, и за тоа се договоривме.“
Лучиќ му рекол на Милер дека српскиот претседател Александар Вучиќ веќе разговарал за отпуштањето на Суботиќ со човекот над него во корпоративната хиерархија – Никос Статопулос, претседателот на BC Partners, инвестицискиот фонд кој е мнозински сопственик на „Јунајтед груп“.
„Значи, претседателот побара од Никос брзо да ја замени само Александра Суботиќ, а не директорите на другите во Н1 или Нова РС. Тој знаеше дека е тешко да се замени директорот на било кого без реорганизација“, вели Лучиќ.
„Никос ми е пријател. Го познавам долго време. Но, на крајот на краиштата, јас ја водам ебаната компанија. И го сакам Никос. Тој ми е многу драг. Добар пријател. Го познавам семејството, сè. Но, од друга страна, морам да ги завршам работите. И ќе ги завршам што е можно поскоро, Владо“, вели Милер во разговорот, уверувајќи го Лучиќ во неговата лојалност.
„Се сеќаваш кога се ракувавме, нели? Сега сме заедно. Кога те запознав првиот ден, станавме пријатели. Не мора да поминеш сто години со некого за да станеш пријател. Ти верувам сто проценти“, му вели тој на Лучиќ.
Освен за замената на Суботиќ, што е главна тема на разговорот, тие разговараат и за шопинг порталот Шопстер, кој е во сопственост на Јунајтед Груп и кој Телеком Србија очигледно има намера да го купи. „Има уште нешто што треба да ве прашам. За аквизицијата на Шопстер и другите работи за кои разговаравме. Многу сум зафатен. Можете ли да го одложите за една недела?“, го прашува Милер Лучиќ.
„Ќе летам за Србија и ќе го завршиме. А потоа ќе имаме убав ручек во клубот, како минатиот пат“, вели Милер на крајот од разговорот.
Извор: Рацин.мк