Аудио бомба од Будимпешта: што си зборувале министрите на Орбан и Путин?

Истражување базирано на протечени аудиоснимки отвора сериозни прашања за контактите меѓу Будимпешта и Москва и за можната унгарска помош во ублажување на санкциите кон Русија.

Протечени аудиоснимки од разговори меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер Сергеј Лавров покажуваат како Будимпешта наводно пренесувала доверливи информации од Брисел, се обидувала да тргне руски имиња од санкциските листи и нудела помош за спасување руски компании од европските санкции. Ова го објави Insider заедно со партнерски истражувачки редакции.

Еден од највпечатливите разговори, според објавеното, се случил на 30 август 2024 година, само еден час откако Сијарто се вратил од Санкт Петербург во Будимпешта. Во разговорот Лавров наводно барал услуга поврзана со сестрата на рускиот олигарх Алишер Усманов, која сакал да биде тргната од санкциската листа на ЕУ. Сијарто, според транскриптот што го објавува Index, одговорил дека заедно со Словаците ќе поднесе предлог за нејзино отстранување од листата и дека ќе дадат сè од себе тоа да се случи. Седум месеци подоцна, Гулбахор Исмаилова навистина била тргната од санкциската листа на ЕУ.

Во текстот се наведува и дека двајцата по конкретниот дел од разговорот продолжиле во речиси пријателски тон, при што ја исмејувале Европската Унија, особено членките што силно ја поддржуваат Украина. Лавров, според објавеното, тогашниот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел го нарекол свое „најголемо разочарување“, додека Сијарто го опишал како „европски Бајден“.

Според истрагата, ова не бил изолиран случај. Insider тврди дека Сијарто редовно му прераскажувал на Лавров детали од состаноците на Советот за надворешни работи на ЕУ, вклучително и внатрешни расправии меѓу европските министри. Поранешниот литвански министер Габриелиус Ландсбергис, кога бил контактиран од новинарите, ги потврдил деталите од разговорот и оценил дека изгледа како Путин цело време да имал „крт“ на официјалните состаноци на ЕУ и НАТО.

Истрагата понатаму наведува дека Унгарија и Словачка редовно вршеле притисок врз Брисел со блокирање на продолжувањето на пакетите санкции, за од листите да се тргнат конкретни руски имиња. Меѓу лицата што, според текстот, се наоѓале на тие списоци, биле Вјачеслав Моше Кантор, Михаил Дегтјарјов, Никита Мазепин, мајката на Евгениј Пригожин, па дури и патријархот Кирил.

Во посебен дел од истрагата се споменува и разговор со рускиот заменик-министер за енергетика Павел Сорокин, во кој Сијарто наводно се жалел дека ЕУ не сака да му даде документи поврзани со санкционирање на компанијата 2Rivers од Дубаи, која се поврзува со продажба на руска нафта преку таканаречената „сенка флота“. Во истиот контекст, според текстот, тој отворено признал дека се обидува да го „укине“ целиот 18. пакет санкции.

Во написот се додава дека унгарската влада ги отфрлила овие тврдења како „проукраинска пропаганда“, додека Сијарто претходно ги нарекувал ваквите информации „лажни вести“. Сепак, ниту тој ниту Лавров не одговориле на новинарските прашања за оваа истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни