Музичкиот проект АТА на 20 февруари 2026 (петок) ќе го одржи својот прв промотивен концерт во „Лабораториум“ во Скопје. Настанот претставува официјална промоција на деби-албумот „Лакримариум“, а почетокот на концертот е закажан за 21:00 часот, додека промотивниот дел стартува во 20:00 часот.
АТА започнува како соло проект на Атанасија Гулевска во 2021 година во Скопје, а во 2023 година се оформува финалниот состав. Во бендот членуваат Атанасија Гулевска (вокал), Виктор Стојановски (тапани), Иво Николовски (бас-гитара), Андреј Димовски (гитара) и Раде Биковски (продукција и тон).
Проектот низ годините соработувал со музичари од различни жанровски позадини. Нивната музика е опишувана како спој на дарквејв, трип-хоп и етно елементи.
По три години студиска работа, составот го сними својот прв албум „Лакримариум“. Промотивниот концерт ќе вклучи специјално подготвен настап и премиерна изведба на новиот материјал.
За оваа пригода, бендот ќе настапи во проширен состав со гостување на Наталија Калајџиеска (клавир), Даниел Попоски (пратечки вокал) и Лука Јанкуловски (клавир).
АТА досега има настапувано на повеќе домашни фестивали и концертни настани, меѓу кои концерт во Радио 103, БОШ фестивал во Гевгелија, „Синестетика“ во Скопје, „Калеидоскоп културе“ во Нови Сад, „Музички блок МКЦ“, „Земјотрес“, „Здраво млади“, „Skopje Space Jam“, „Сепак се врти“, „Parko“ во Битола, како и на „MakeDox“ филмскиот фестивал.
Промоцијата започнува во 20:00 часот, а концертот во 21:00 часот во „Лабораториум“ во Скопје. Влезот за настанот е слободен.