Asus се повлекува од смартфон-пазарот, фокусот се сели кон AI и роботика

Компанијата официјално потврди дека нема да развива нови паметни телефони, а ресурсите ќе ги насочи кон компјутери, AI сервери и физичка вештачка интелигенција

Asus официјално излегува од пазарот на паметни телефони и во иднина целосно ќе се посвети на развој на компјутерски системи, вештачка интелигенција и роботика. Потврдата доаѓа откако веќе на почетокот на месецот се појавија информации дека компанијата нема да лансира нови смартфони во текот на 2026 година.

Претседателот на Asus, Џони Ших, одлуката ја соопшти за време на гала-настан одржан во изложбениот центар Taipei Nangang, нагласувајќи дека компанијата прави „стратешко пренасочување кон сегменти со повисок долгорочен потенцијал“.

Според најавата, Asus ќе ги насочи истражувањето и развојот кон комерцијални компјутери, AI сервери и т.н. физичка вештачка интелигенција – што вклучува роботика и паметни очила. Иако брендот се повлекува од развојот на нови модели на смартфони, компанијата ќе продолжи да обезбедува техничка поддршка, софтверски ажурирања и гаранциски услуги за постојните уреди.

Финансиските резултати ја потврдуваат оваа насока. Ших откри дека Asus во 2025 година остварил приход од 738,91 милијарди тајвански долари, односно околу 23,4 милијарди американски долари, што претставува раст од 26 проценти во однос на претходната година.

Особено силен раст бележи бизнисот со AI сервери, кој, според компанијата, пораснал за 100 проценти – што практично значи удвојување на приходите во тој сегмент. Токму овој тренд е една од клучните причини поради кои Asus одлучи да го напушти високо-конкурентниот и сè помалку профитабилен смартфон-пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни