Кинескиот гигант за онлајн малопродажба „ШеинГруп“ ги зголеми цените во САД на сè, од фустани до кујнски прибор, пред најавените тарифи за пратки со мали пакети во САД, што е ран знак за потенцијалниот ефект од трговската војна врз американските потрошувачи.
Просечните цени за 100-те најдобри производи во категоријата убавина и здравје се зголемија за 51 процент, при што неколку артикли се зголемија повеќе од двојно.
За производите за домот и кујната и играчките, просечниот скок беше повеќе од 30 проценти, предводен од огромниот пораст од 377 проценти на цената на сет кујнски крпи од 10 парчиња. За женска облека, зголемувањето беше осум проценти.
Платформите за е-трговија како што се „Шеин“ или „Тему“ се соочуваат со царина од 120 проценти за многу од нивните производи, поради одлуката на американската влада да го отстрани исклучокот „de minimis“ за мали пакети од континентална Кина и Хонг Конг.
Извозниците го користеа ослободувањето во последниве години, кое им овозможи на стоки во вредност помала од 800 долари да влезат во САД без царина. Вашингтон, исто така, ќе ја зголеми поштенската такса за стока што ќе влезе по 2 мај на 100 долари, а по 1 јуни уште повеќе.
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи изјави дека „практично нема инфлација“ бидејќи ефектот од воведените царини е неутрализиран со пад на цените на енергијата и храната. Но, зголемувањето на цените на „Шајн“ ги одразува најновите напори на кинеските онлајн трговци на мало да префрлат барем дел од дополнителните трошоци за увоз на американските потрошувачи, а ефектите од тоа сè уште не се видливи на американскиот пазар.