Астрономите за првпат во историјата сведочат за раѓање на нов сончев систем

Астрономите за првпат директно го забележаа најраниот стадиум од формирање на карпестите планети околу млада ѕвезда — моментот кога нови светови започнуваат да се создаваат. Станува збор за досега невиден поглед во таканаречениот „нулти миг“, клучен период во кој се раѓаат планетарни системи налик на нашиот Сончев систем.

Откритието на астрономите, објавено во списанието Nature, го бележи формирањето на планетарни јадра во густ гасовит диск што ја обвива ѕвездата Hops-315.

Поглед во колевката на планетите

„Успеавме директно да ѕирнеме во врелата зона каде се раѓаат карпести планети како Земјата“, изјави Мелиса МекКлур од Лајденската опсерваторија во Холандија, која го води меѓународниот истражувачки тим. „Првпат со сигурност можеме да кажеме дека првите чекори во создавањето на планетите се случуваат сега.“

Професорот Фред Сисла од Универзитетот во Чикаго, кој не учествувал во истражувањето, посочи дека ова набљудување е уникатна можност да се проучи како навистина се создаваат планетарните системи. „Ова е момент што астрономите го чекаа со децении“, рече тој.

Заедничка мисија на НАСА и ЕЅО

Истражувањето е резултат на заеднички напори меѓу вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА и телескопската мрежа ALMA на Европската Јужна Опсерваторија (ESO) во Чиле. Целта им била младата ѕвезда Hops-315 — жолт џуџест тип, сличен на Сонцето, но многу помлад — стар само меѓу 100.000 и 200.000 години, и оддалечен околу 1370 светлосни години од Земјата.

Благодарение на специфичниот наклон на дискот околу ѕвездата, научниците успеале да погледнат длабоко во неговата внатрешност и таму првпат откриле кондензација на цврсти честички — јасен показател дека започнало создавањето на планети.

Состојки за нови светови

Анализата откри присуство на гас од силициум-моноксид и кристални минерали на силикатна база — токму оние состојки што се сметаат за првите цврсти материјали од кои настанал нашиот Сончев систем пред 4,5 милијарди години.

Процесот се одвива во област споредлива со појасот на астероиди меѓу Марс и Јупитер — местото каде во Сончевиот систем останале фрагменти од формирањето на планетите.

„Кондензацијата на жешки минерали досега не е забележана околу други млади ѕвезди, па не знаевме дали тоа е универзален процес или нешто специфично за нашиот систем“, рече МекКлур. „Нашето истражување покажува дека ова може да биде вообичаен чекор во најраните фази од создавањето на планетите.“

Што следува за системот Hops-315?

Иако досегашните истражувања се фокусираа на позрели ѕвездени дискови, ова е првиот конкретен доказ за самиот почеток на формирање на планетите, посочува МекКлур.

Бидејќи гасовитиот диск околу Hops-315 е сличен по големина на некогашниот околу нашето Сонце, научниците претпоставуваат дека овој систем би можел да формира и до осум планети во наредните неколку милиони години.

Мерел ван ‘т Хоф од Универзитетот Пердју, коавторка на студијата, со нетрпение очекува нови откритија: „Ќе најдеме ли светови слични на Земјата или нашата планета е навистина единствена?“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни