На Меѓународната вселенска станица (МВС) денеска пристигнаа првите астронаути од Полска, Унгарија и Индија, во рамки на приватен лет организиран од компанијата SpaceX. Ова е првпат во историјата претставници од овие земји да зачекорат на орбиталната лабораторија.
Четиричлената екипа полета од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во средата, а летот го изврши ракетата Falcon 9 со леталото Dragon. Екипажот ќе остане на МВС две недели, каде ќе спроведе десетици научни експерименти.
Приватни мисии во орбитата и меѓународна соработка
Мисијата ја предводи најискусната американска астронаутка Пеги Витсон, која денес работи за приватната компанија Axiom Space. Покрај неа, во екипажот се индискиот воен пилот Шубханшу Шукла, унгарскиот машински инженер Тибор Капу и полскиот експерт за радијација Славош Узнански-Вишњевски – проектен астронаут од Европската вселенска агенција (ESA).
„Чест ни е што се приклучивте на нашата орбитална станица за меѓународна соработка и истражување,“ се огласи НАСА од контролниот центар во Хјустон по успешното спојување со МВС над северниот Атлантик.
Новопристигнатите астронаути беа пречекани со насмевки, гушкања и размена на честитки од страна на седумтемина постојани жители на станицата. Во моментот, на МВС се претставени шест нации: САД (четворица), Русија (тројца), Јапонија, Индија, Полска и Унгарија.
„Навистина е прекрасно што конечно сме овде. Карантинот беше долг,“ изјави Витсон, алудирајќи на дополнителната изолација што екипажот ја помина пред полетувањето. Тие беа во карантин уште од 25 мај поради повеќекратни одложувања, последното поврзано со истекување на воздух на руската страна на станицата.
Ова е четврти лет на Axiom до МВС од 2022 година наваму. Компанијата е една од неколкуте што развиваат свои приватни вселенски станици, како дел од новата ера во комерцијалното освојување на орбитата.
НАСА планира да се повлече од МВС до 2030 година, по повеќе од три децении експлоатација, и ги охрабрува приватните компании да преземат водечка улога во идните мисии и инфраструктура.