Астронаутот на NASA, Мајк Финке, потврди дека тој бил членот на екипажот кој доживеал „загрижувачки медицински инцидент“, поради кој минатиот месец беше скратена мисијата на Меѓународна вселенска станица (ISS), пренесува CNN.
Финке и неговите колеги (астронаутката Зена Кардман, Кимија Јуи од јапонската вселенска агенција и рускиот космонаут Олег Платонов) се вратија на Земјата во средината на јануари, оставајќи минимален екипаж од тројца астронаути на орбиталната лабораторија.
Ова беше првпат во историјата НАСА да скрати мисија на ISS поради здравствени причини. Во моментот на враќањето, агенцијата не откри кој од астронаутите имал здравствен проблем ниту каква е природата на инцидентот.
„Доживеав медицински инцидент што бараше итно внимание од моите извонредни колеги од екипажот“, изјави Финке. Тој додаде дека благодарение на брзата реакција на тимот и насоките од лекарите на НАСА, неговата состојба брзо се стабилизирала.
НАСА одлучила екипажот да се врати на Земјата за да се искористи „напредна медицинска дијагностика што не е достапна на вселенската станица“. Иако ISS располага со медицинска опрема, таа не ги вклучува сите дијагностички можности на болничка установа.
Агенцијата традиционално не објавува лични медицински податоци за астронаутите поради политики за приватност. Не е познато дали инцидентот бил животозагрозувачки, ниту кои конкретни симптоми ги имал Финке.
По инцидентот, НАСА откажа планирана вселенска прошетка и го забрза враќањето на екипажот, како и лансирањето на следната мисија за да се врати стандардниот број астронаути на станицата.
Новата мисија, позната како Crew-12, пристигна на ISS на 14 февруари, со што бројот на членови повторно се зголеми на седум – оптимален број за одржување на научните експерименти и операциите.
„Се чувствувам многу добро и ја продолжувам стандардната постлетна рехабилитација во Хјустон. Летот во вселената е неверојатна привилегија и понекогаш нè потсетува колку сме всушност луѓе“, порача Финке.