Фармацевтската компанија AstraZeneca најави дека до 2030 година ќе инвестира околу 15 милијарди долари во Кина, со цел значително проширување на своите капацитети за истражување и развој, како и за производство на иновативни лекови. Инвестицијата е дел од долгорочната стратегија на компанијата за развој на терапии од новата генерација и зајакнување на нејзината глобална позиција во биофармацевтскиот сектор.
Од AstraZeneca информираат дека вложувањето ќе ја искористи научната експертиза на Кина, напредните производствени капацитети и соработката во рамки на здравствениот екосистем Кина – Обединето Кралство, со цел на пациентите во Кина и ширум светот да им се овозможи пристап до најсовремени третмани.
Британскиот премиер Кир Стармер ја поздрави најавената инвестиција, оценувајќи дека таа ќе придонесе за отворање нови можности за британските компании на глобално ниво и ќе поддржи илјадници работни места во Обединетото Кралство, особено преку зајакнување на истражувањето и развојот во биолошките науки.
Извршниот директор на AstraZeneca, Паскал Сорио, ја оцени инвестицијата како „историска“ и истакна дека таа отвора ново поглавје за компанијата во Кина, која, според него, станува клучен глобален центар за научни иновации, напредно производство и јавно здравје. Тој нагласи дека проширувањето на капацитетите во области како клеточната терапија и радиоконјугатите ќе им овозможи на пациентите пристап до терапии од нова генерација, особено во лекувањето на канцер, хематолошки и автоимуни заболувања.
Инвестицијата опфаќа целиот синџир на вредност (од откривање и клинички развој на лекови до нивно производство) и ќе овозможи кинеските иновации да стигнат до глобалниот пазар преку партнерства со водечки биотехнолошки компании. Со ова, AstraZeneca има намера да стане првиот глобален биофармацевтски лидер со целосни „end-to-end“ капацитети за клеточна терапија во Кина.
Компанијата најави и понатамошно зајакнување на своето присуство во Кина преку унапредување на постојните производствени погони во повеќе градови, како и отворање нови локации кои ќе бидат дополнително соопштени. Се очекува бројот на високообучени вработени во Кина да надмине 20.000, со илјадници индиректни работни места во рамки на поширокиот здравствен екосистем.
Инвестицијата беше најавена за време на посетата на британскиот премиер на Кина и има за цел дополнително зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на здравствените иновации. Воедно, таа е усогласена со кинеската национална иницијатива „Здрава Кина 2030“, со фокус на превенција, рано откривање на болести и подобар пристап до иновативни лекови.
