Аслан Вишко: Камерата снима, душата памети

Тој не е на екранот, но без него – нема ни слика. Неговото око е продолжеток на камерата, а камерата – сведок на сè што сакаме и не сакаме да видиме. Од трагедии до триумфи, од празни улици до полни плоштади, тој триесет години ја држи камерата со иста посветеност – и кога е празник, и кога е пожар. Ова не е интервју со уште еден човек од сенка. Ова е гласот на снимателот кој со секој кадар вели: „Еве, види сам. Јас не лажам.“

Трн:  Дали имаш трема ако треба да си пред камера?

Вишко: Секогаш. Ама тоа е кошмар. Камерата не простува лажна енергија. Јас сум свој зад објективот, а пред него сум туѓ – не сум тоа јас. Има нешто сурово искрено во леќата што гледа, без да зборува.

Трн:  Кој ти е најтешкиот кадар што си го снимил?

Вишко: Без двоумење – Кочани. Камерата ми беше како ѓуле тешка. Тишината таму не беше само од луѓето, туку и од птиците. Камењата личеа дека плачат. Се прашував – што барам тука? Но некој мора да ги сними тие моменти. Да ги остави.

Трн:  Колку е морално да се снима нечие страдање?

Вишко: Не е едноставно. Ќе ти речат „не е етично“, ама ако ние не го покажеме тоа – кој ќе го види? Јас сум за тоа да има граница. Не сме циркузантски камермани. Ама има болки што мора да се документираат, за да не се повторат.

Трн:  Кој е поголем „режисер“ – новинарот или снимателот?

Вишко: Никој. Ако не сме левата и десната рака – нема ништо. Ако не се надополнуваме, не вреди ни камерата, ни зборот.

Трн:  Кој мит за камерманите сакаш да го срушиш?

Вишко: Дека сме „камераши“. Тоа самите си го правиме. Се нарекуваме со имиња што не ја почитуваат нашата работа. Има сниматели кои се образувани, со став, со око. Ама има и такви што самите се потценуваат – и со тоа не’ повлекуваат сите надолу.

Трн: Што најмногу те нервира кај денешните новинари?

Вишко: Дека не излегуваат на улица. Гугл не е чаршија. Мирисот, тагата, радоста – тоа се снима и чувствува на терен. Не на интернет. Затоа и новинарството им е празно, без пулс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни