Издавачката куќа „Артконект“ со поддршка од програмата „Креативна Европа“ го објави романот „Млекарот“ од ирската писателка Ана Бернс во превод од англиски на Катерина Јосифоска,. Романот е добитник на престижните награди: „Орвел“ (2019), меѓународната книжевна награда „Даблин“ (2020) и наградата „Букер“ за 2018 година.
Ана Бернс е авторка на три романи и на една новела. Својот прв роман, Без коски, го објавува во 2001 година, а потоа следуваат Мали конструкции (2007) и Млекарот (2018), со кој постигнува светска слава.
„Преку одлично изведен контраст меѓу црн хумор и атмосфера на страв, Млекарот претставува своевидна студија на кризата, без оглед дали е таа душевна, индивидуална, семејна или колективна“ велат од Тајмс. Опишувајќи средина во која заедницата живее во постојана тензија, во која сите се поделени на групи и не постојат неутрални, во која насилството е прифатено и пожелно кога се спроведува против „другите“, Ана Бернс во романот Млекарот создава напната атмосфера на интриги, а во нејзиниот центар поставува една млада и исплашена, но сепак храбра девојка.