Скопје станува регионален центар на tattoo културата со „Artist Republic 2026“

Првата регионална tattoo конвенција ќе собере околу 150 уметници од целиот свет на 14 и 15 март во хотел „Александар Палас“.

Следниот месец, Скопје ќе биде домаќин на првата регионална tattoo конвенција (конвенција за тетовирање) „Artist Republic 2026“, која ќе се одржи на 14 и 15 март во Хотел Александар Палас. Настанот претставува значаен исчекор од досегашниот локален формат и ја позиционира македонската престолнина како нова точка на мапата на регионалната и меѓународната tattoo сцена.

По две години настани со сличен концепт, годинашното издание носи значително проширување – и по обем и по амбиција. „Artist Republic 2026“ ќе обедини околу 150 tattoo артисти од целиот свет, кои ќе претстават различни стилови, техники и авторски пристапи, промовирајќи ја тетоважата како форма на современа уметност и автентично средство за индивидуално изразување.

Посетителите ќе имаат можност директно да се запознаат со уметниците, да учествуваат во работилници, да ги следат најновите трендови во tattoo културата и да се нурнат во интензивно визуелно и креативно искуство. Конвенцијата ќе има и натпреварувачки карактер, со доделување награди во повеќе категории, што дополнително ќе ја поттикне креативноста и возбудата кај учесниците.

Дводневната програма ќе биде збогатена и со музички содржини, кои ќе ја заокружат атмосферата и ќе ја афирмираат културата на кожа како дел од современата урбана и алтернативна сцена.

Организатори на „Artist Republic 2026“ се Skopje Tattoo Show и белградската Great Heart Art, кои со долгогодишно искуство и посветеност го подготвуваат овој регионален настан со цел Македонија да се позиционира како сериозен и кредибилен домаќин на вакви уметнички и културни собири. Се очекува конвенцијата да привлече не само професионални tattoo уметници, туку и поширока публика, инфлуенсери и медиуми, создавајќи жив и инспиративен простор за културна размена и вмрежување.

Со јасен фокус на квалитет, талент и иновација, „Artist Republic 2026“ има амбиција да стане редовен настан во културниот календар на регионот, испраќајќи порака дека тетоважата не е минлив тренд, туку уметност што инспирира, предизвикува емоции и отвора нови хоризонти на личното изразување.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да ги следат официјалните канали на „Artist Republic 2026“ на Instagram и да ја посетат официјалната веб-страница, каде што ќе бидат објавени деталната програма и учесниците на настанот што во март ќе го оживее Скопје во ритамот на уметноста и креативноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни