Artemis II полета, но едно прашање останува: што му прави вселената на човекот?

Додека NASA повторно го отвора патот кон Месечината, долгите мисии уште еднаш потсетуваат дека човечкото тело тешко се приспособува на микрогравитација, изолација и екстремни услови надвор од Земјата.
NASA’s Space Launch System (SLS) rocket and Orion spacecraft, secured to the mobile launcher, is seen as it rolls out of the Vehicle Assembly Building to Launch Pad 39B, Saturday, Jan. 17, 2026, at NASA’s Kennedy Space Center in Florida. NASA’s Artemis II test flight will take Commander Reid Wiseman, Pilot Victor Glover, and Mission Specialist Christina Koch from NASA, and Mission Specialist Jeremy Hansen from the CSA (Canadian Space Agency), around the Moon and back to Earth no later than April 2026. Photo Credit: (NASA/Keegan Barber)

Со полетувањето на Artemis II на 1 април, NASA повторно испиша историска страница во вселенските мисии со екипаж, отворајќи ново поглавје во враќањето на човекот кон Месечината. Станува збор за првиот лет со екипаж на мисијата Artemis, првиот екипажиран лет на Orion и SLS, како и прва мисија со екипаж што ќе прелета околу Месечината по повеќе од 50 години. Но, додека светот гледа кон идните летови во длабоката вселена, искуството од подолгите престои надвор од Земјата потсетува дека човечкото тело и натаму плаќа висока цена за таквите мисии.

Престојот во вселената, заедно со погледот кон Земјата што малкумина го доживуваат, за многумина е сон. Но човечкото тело е создадено да функционира во услови на земјината гравитација, па времето поминато во бестежинска состојба може да остави последици од кои закрепнувањето трае со месеци, а понекогаш и со години. NASA со години предупредува дека микрогравитацијата влијае врз коските, мускулите, видот, рамнотежата и целокупното функционирање на телото.

Во вселената првично сè може да изгледа полесно. Телото не мора да се бори со тежината, движењето бара помалку напор, а и срцето и крвните садови привремено работат во поинакви услови. Но токму таа „леснотија“ е дел од проблемот. Кога телото повеќе не мора да се спротивставува на гравитацијата, мускулите почнуваат да слабеат, а коските постепено ја губат густината. NASA наведува дека коските што носат тежина можат да губат во просек од 1 до 1,5 отсто од минералната густина месечно ако не се преземаат мерки, а мускулната маса во микрогравитација опаѓа побрзо отколку на Земјата.

Затоа астронаутите во орбита не „одмараат“, туку секој ден вежбаат. Вообичаено минуваат околу два часа на специјализирана опрема, со комбинација од кардио и вежби за отпор, за да го забават губењето на сила и коскена маса. И покрај тоа, враќањето на Земјата често значи нов почеток за телото: повторно учење на рамнотежа, враќање на мускулната сила и долга рехабилитација.

Промените не застануваат кај мускулите и коските. Во микрогравитација, течностите во телото повеќе не се повлекуваат кон нозете како на Земјата, туку се поместуваат нагоре, кон градите и главата. Ова е една од причините зошто астронаутите често имаат подуено лице, но и зошто може да се појават промени во очите и видот. NASA одамна ја следи оваа појава и предупредува дека подолгите мисии можат да доведат до невро-окуларни промени поврзани со престојот во вселената.

Вселената влијае и врз чувството за ориентација. На Земјата, мозокот и внатрешното уво постојано добиваат сигнали што е горе, што е долу и во која насока се движи телото. Во вселената тие ориентири исчезнуваат. Тоа може да предизвика дезориентација, вртоглавица и проблеми со рамнотежата, особено при враќањето на Земјата, кога телото повторно мора да се приспособи на гравитацијата.

Научниците следат и пошироки ефекти од престојот надвор од Земјата. Се истражуваат промените во микробиомот, циркулацијата, имунолошкиот одговор и начинот на кој телото се справува со долгата изолација и затворен простор. Колку мисиите стануваат подолги, толку поважно станува ова знаење, особено ако целта повеќе не е само орбита околу Земјата, туку подалечни патувања до Месечината и Марс.

Токму затоа Artemis II не е важна само како технолошки исчекор или симболично враќање кон Месечината. Таа е и потсетник дека секој голем чекор во вселената зависи не само од ракетите и системите, туку и од границите на човечкото тело. Човекот може да стигне далеку, но телото и натаму јасно покажува дека не е создадено за живот надвор од Земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни