National Geographic објави спектакуларна забавена снимка од полетувањето на Артемис II, направена со специјална високорезолуциска камера поставена на околу 1.500 стапки, односно приближно 457 метри од лансирната рампа. Камерата снимала со 2.000 фрејмови во секунда и фатила детали што со голо око речиси и не можат да се видат, од пламенот на ракетните бустери до ударните бранови што се шират околу ракетата при полетувањето.
Станува збор за едно од највпечатливите визуелни сведоштва од историската мисија Артемис II, која на 1 април успешно полета од вселенскиот центар Кенеди во Флорида. Со оваа мисија, четворица астронаути повторно тргнаа кон Месечината, што е прв човечки лет надвор од Земјината орбита по 1972 година. Артемис II не слетува на Месечината, туку треба да изведе обиколка околу неа и да се врати на Земјата, како клучен тест за идните мисии на НАСА.
Екипажот го сочинуваат Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен. Ова е и симболично важна мисија, затоа што меѓу нив се и првата жена, првиот црн астронаут и првиот неамериканец што ќе летаат околу Месечината. НАСА ја гледа Артемис II како пресуден чекор кон следните фази од програмата Артемис, кои треба повторно да донесат човечки чекор на Месечината.
По полетувањето, капсулата Orion мина еден ден во орбита околу Земјата, по што успешно го изведе клучниот маневар за излегување од Земјината орбита и насочување кон Месечината. Тој потег практично ја претвори мисијата од орбитален тест во вистинско патување кон длабоката вселена. Токму затоа снимките од полетувањето сега добиваат уште поголема тежина: тие не бележат само спектакуларен старт, туку почеток на првата човечка мисија кон Месечината по повеќе од половина век.