Artemis II: Човештвото повторно се доближува до Месечината по повеќе од половина век

Првата екипирана мисија надвор од ниската орбита по 1972 година ќе ја тестира иднината на долгорочното човечко присуство на Месечината
NASA S/N 1142 76.1F

По повеќе од 50 години, човештвото повторно се подготвува да излезе надвор од ниската Земјина орбита. Со мисијата Artemis II, NASA го прави клучниот чекор кон враќање на луѓето околу Месечината и поставување темели за трајно присуство на нејзината површина.

Мисијата доаѓа повеќе од три години по беспилотната Artemis I, а ќе биде првата екипирана лунарна мисија по Apollo 17 во 1972 година, последниот пат кога луѓе заминаа подалеку од ниската Земјина орбита.

Враќањето кон Месечината има длабоки историски корени. Во 1961 година, во екот на Студената војна, американскиот претседател John F. Kennedy ја постави амбициозната цел човек да стапне на Месечината до крајот на деценијата. Таа визија резултираше со програмата Apollo и историското слетување во 1969 година.

Денес, САД повторно ја активираат таа амбиција, но со поинаква стратегија: не само да стигнат до Месечината, туку таму и да останат. Програмата Artemis, поддржана и од актуелната администрација на Трамп, има за цел долгорочно човечко присуство и користење на Месечината како чекор кон подлабоко вселенско истражување.

Што точно претставува Artemis II?

Artemis II е тест-мисија со екипаж што ќе трае околу 10 дена и ќе опфати патување од повеќе од 600.000 милји. Четворица астронаути ќе летаат околу Месечината (lunar flyby), без слетување, со цел да се тестираат клучните системи на новата генерација вселенска технологија.

Мисијата ќе ги тестира Space Launch System (SLS), најмоќната ракета што NASA некогаш ја изградила, и капсулата Orion, која ќе ги носи астронаутите до Месечината и назад. Во фокус се животната поддршка, комуникациите, навигацијата и безбедното враќање на Земјата.

Екипажот на Artemis II е составен од искусни астронаути. Командант е Реид Вајсман, поранешен главен астронаут на NASA. Пилот е Виктор Гловер, првиот Афроамериканец кој долгорочно престојувал на Меѓународната вселенска станица. Мисионите специјалисти се Кристина Кох, рекордерка по најдолг самостоен вселенски лет за жена, и Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција, кој ќе стане првиот неамерикански астронаут што летал кон Месечината.

Кога и од каде?

Лансирањето е планирано од Kennedy Space Center во Флорида, од историскиот комплекс 39B. Првиот можен датум е 6 февруари 2026 година, со дополнителни можност за во февруари, март и април – во зависност од временските и техничките услови.

Пред тоа, NASA ќе спроведе т.н. „wet dress rehearsal“, целосна проба на полнење гориво и одбројување, клучна фаза поради претходните проблеми со горивните системи во Artemis I.

Како ќе изгледа патувањето?

По лансирањето, Orion ќе помине неколку часа во ниска орбита околу Земјата, каде екипажот ќе спроведе тестови и рачно управување. Потоа следи маневарот за влез во лунарна траекторија. По три дена патување, астронаутите ќе прелетаат над темната страна на Месечината (дел што никогаш не бил виден директно од луѓе) пред да го започнат враќањето кон Земјата.

Слетувањето ќе биде со спуштање во Пацификот, во близина на брегот на Калифорнија, каде екипажот ќе го пречека американската морнарица.

Повеќе од симболика

Artemis II не е само технички тест, туку и политичка и научна порака. Мисијата го означува враќањето на човекот во „длабоката вселена“, во време кога конкуренцијата, приватните компании и геополитичките интереси повторно ја прават Месечината стратешка точка.

Следниот чекор, Artemis III, треба да донесе и реално слетување, овој пат во близина на јужниот пол на Месечината, регион што никогаш не бил истражен од луѓе.

По повеќе од половина век, патот кон Месечината повторно е отворен. Прашањето повеќе не е дали, туку колку далеку ќе оди човештвото понатаму.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни