Арсовска жестоко до Ганиу: „Никој не ти се плаши – ќе ги објавам сите криминални зделки со дивоградбите!“

Политичката конфронтација помеѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кулминираше со остра објава на Арсовска на социјалните мрежи. Таа директно го обвини Ганиу за сериозни нерегуларности поврзани со дивоградби, корупција и злоупотреба на јавни средства.

Во својата видео порака, Арсовска му се обрати на Ганиу со следните зборови:

„Висар Ганиу! Ти се обраќам јавно, за пред целата јавност да стане јасно што правиш. Таму каде што си измеќар, не ти кажале дека кога се закануваш – само ме мотивираш повеќе. Една по една ќе ти ги објавам сите криминални зделки со дивоградбите. Не се повлекувам и нема сила што ќе ме натера да се откажам!“

Според Арсовска, вкупно 150 дивоградби се службено евидентирани и нотирани како незаконски изградени во последниве години, при што во документацијата доставена од општината Чаир стоеле лажни податоци дека се изградени пред 2011 година.

„Сите институции ти ги вратиле документите со забелешки – најбитната: ЛАЖЕШ дека објектите се стари. Тие се градат сега!“, вели Арсовска.

Во пораката, таа го повикува и Министерството за внатрешни работи и инспекциските служби да постапат по наводите, објавувајќи дека на лице место е фатен камион на општина Чаир кој илегално исфрлал градежен отпад околу градските контејнери.

„7 милиони денари му должите на ЈП Комунална хигиена!“, додава Арсовска.

Освен критиките, Арсовска најавува и граѓанска мобилизација:

„Ќе ги соберам сите граѓани на кои сте им земале пари за станови во дивоградби кои НИКОГАШ нема да можат да се легализираат! Ќе дојдат пред општина Чаир да си ги побараат парите назад!“

Видеото завршува со порака:

„Ќе те чекам и во град Скопје со сите докази. Никој не ти се плаши! Ќе те исчистиме заедно со ѓубрето што планираш да го истураш пред Градот!“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни