Арсовска: Ми се закануваа мене и на моето семејството

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска тврди дека денеска при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, таа и екипата која била со неа, биле нападнати прво вербално, потоа физички, со клоци и тоа пред припадници на МВР.

Лицето кое, како што вели, најверојатно е сопственик на дивоградбата и се заканувало нејзе и на нејзиното семејство.

По нападот, таа се обратила во Ургентниот центар „8-ми Септември“, каде и била укажана лекарска помош.

Арсовска по излегувањето од здравствената установа во изјава за медиумите рече дека лицето било затекнато како краде струја, вода, оти нема платено ниту еден денар, ниту данок, ниту комуналии, ниту на Градот, ниту на било кое друго место. Градоначалничката вели дека лицето нема никакво одобрение и никаква документација за градбата.

Дека градоначалничката на Скопје била нападната додека вршела службени дејствија, потврдија и од полицијата. Арсовска била со нејзиниот тим кој исто така претрпел напади.

-На 11.07.2025 во 12:15 часот, во СВР Скопје од страна на А.Ј. е пријавено дека при извршување работни задачи на улицата Кумбара физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош – се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Општина Чаир денеска преку соопштение го осуди инцидентот што се случил помеѓу градоначалничката на Град Скопје,  Данела Арсовска, и неколку лица на територија на општината

-Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество, велат од Општината.

Оттаму нагласуваат дека е важно јавноста да биде точно информирана, односно оти настанот воопшто не е поврзан со нивната институција.

-Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот, нагласуваат од Општината. 

Општина Чаир, велат, останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни