Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска попладнево била физички нападната во скопската општина Чаир.
Арсовска која со тим од Град Скопје била на увид на дивоградба, прво била вербално, а потоа и физички нападната од неколку лица.
По нападот Арсовска заминала на преглед во ГОБ „8ми Септември“, а настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
„На 11.07.2025 во 12:15ч од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул.”Кумбара” физички била нападната градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица и упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош“ се вели во информацијата од МВР.
Инаку, Арсовска веќе одреден период укажува на бесправно градење низ Скопје, со акцент на општина Чаир за каде вели дека има околу 150 дивоградби, дел од нив се висококатници каде веќе живеат луѓе.
Таа, достави и документација до Основното јавно обвинителство, од каде пред неколку денови информираа дека е започната истрага.