Градоначалничката на Град Скопје во објава на социјалните мрежи уште еднаш побара власта и надлежните институции да реагираат за нејзините пријави за сторен криминал во општина Чаир.
Таа објави фотографија на која се гледаат неколку кутии со документи, за кои Арсовска тврди дека се докази за дивоградбите во Чаир.
„Доставени ви се непобитни докази за криминалот потврден институционално од повеќе извори. Еве ви добра идеја да бидете јунаци, наместо да ве исмева народ дека не смеете да му писнете на Висар Ганиу. Ако постапите по доказите за перење пари и утврдените фалсификати на Висар Ганиу за 150 небезбедни згради во Чаир, ем нема никој да ве збори дека браните криминал, ем нема да ви се смеат дека сте лавови само во штаб“ пишува Арсовска.
Дополнително, таа денеска поднела и кривична пријава против градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, а во неа, според Арсовска објаснета е целата шема за никнување на дивоградбите во Чаир.
Според наодите во кривичната пријава, граѓаните кои навремено поднесувале барања да легализираат балкони или делови од куќи што им биле наследство биле одбивани од општината во законскиот рок, за потоа со искористување на нивното бројче од одбиеното барање во наводно фалсификуваната деловодна книга да се легализираат дивоградби и висококатници на други луѓе што граделе објекти 10 години по носењето на Законот за легализација на дивоградби а во времето на поднесувањето биле малолетници. Во кривичната пријава пишува дека граѓаните чии балкони и делови од куќи биле одбивани за легализација, носеле геодетски елаборати во обид да ги легализираат.