Без ниту еден збор: „Арс Ламина“ ја издаде првата македонска нема сликовница

„(С)обувки“, по идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, ја отвора македонската сцена кон жанрот на сликовници без текст и ја става детската имагинација во центарот на читањето.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт за детска литература „Либи“, ја објавува првата нема сликовница во Македонија – „(С)обувки“. Станува збор за книга без текст, која својата приказна ја раскажува исклучиво преку илустрации, оставајќи простор читателот сам да ја создаде нарацијата.

Проектот е по идеја на Оливера Ќорвезироска, а илустрациите се на Наталија Лукомска. Визуелната приказна нè води низ магична редица од обични луѓе, но и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги добива своите совршени обувки – освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Наместо разочарување, следи поинаков избор: девојчето ги обува и радосно излегува од приказната.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 20 февруари (петок), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“. Покрај авторката и илустраторката, на настанот ќе учествуваат писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров, кои ќе ја „прочитаат“ книгата на свој начин. Намерата е да им се помогне на децата и родителите во восприемањето на приказната, но во исто време да се поттикне идејата дека приказната треба да ја раскажуваат децата – со поддршка од возрасните, а не обратно.

„(С)обувки“ претставува експериментален чекор кон жанрот на неми сликовници – еден од најмладите жанрови во светската илустрирана литература. Овие книги не користат текст и затоа не бараат превод, ги надминуваат јазичните бариери и овозможуваат културно поврзување преку универзалниот визуелен јазик.

Сликовниците без зборови ги претвораат децата од слушатели во раскажувачи. Тие го поттикнуваат развојот на говорот, го збогатуваат речникот и ја градат способноста за структурирање на приказната – од вовед до заклучок. Воедно ја развиваат визуелната писменост и чувството за невербална комуникација. Наместо да нудат готови одговори, отвораат простор за повеќе можни толкувања.

Сликовницата „(С)обувки“ наскоро ќе биде достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн на www.literatura.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни