Арнолд Шварценегер ќе ја толкува улогата на Конан во филмот „Кралот Конан“, новиот дел од серијалот за Конан, кој ќе го пишува и режира Кристофер Маквори, познат по филмската франшиза „Мисија: Невозможна“.
Веста за враќањето на Шварценегер ја објави самиот актер на фестивалот во Коламбус, Охајо, минатиот викенд.
„Во ‘Кралот Конан’ имаме одлична приказна каде Конан е крал веќе четириесет години, а потоа е исфрлен од кралството. Се случуваат судири, но, секако, тој на некој начин се враќа. Филмот ќе има лудило, насилство, магија, суштества и сè по малку“, изјави Шварценегер.
Конан Варварин е лик создаден од Роберт Е. Хауард, мускулест воин кој се соочува со бројни битки, политички интриги и натприродни закани во фиктивниот хибориски период.
Првиот филм излезе во 1982 година, каде Шварценегер го игра Конан кој бара одмазда од лидерот на култот, Тулса Дум, во изведба на Џејмс Ерл Џонс. Филмот заработи 68 милиони долари, стана култен класик и го направи Шварценегер ѕвезда. Продолжението, „Конан Уништител“, следеше две години подоцна.
Третиот дел, „Конан Освојувач“, никогаш не беше реализиран, а во 2011 година студиото Lionsgate сними нова верзија со Џејсон Момоа во главната улога, која не постигна голем успех.
Шварценегер неодамна се појави во серијата „Fubar“, а наскоро ќе излезе и божиќната акциона комедија „The Man with the Bag“. Kristofer Makvori ја заврши серијата „Мисија: Невозможна“ со последниот дел, кој заработи повеќе од 600 милиони долари.