Македонија влегува во период на екстремно студено и нестабилно време, откако во наредните денови се очекува силен продор на ладен воздушен бран од север. Според најавите, овој процес ќе доведе до формирање на секундарен циклон над Југоисточна Европа, кој ќе донесе обилни врнежи, силен ветер и нагло опаѓање на температурите.
Најпрво, во земјава се очекуваат врнежи од дожд и снег во пониските места, додека на повисоките населени места и планините врнежите ќе бидат исклучиво од снег. Поради специфичната распределба на топол воздух во повисоките и студен во приземните слоеви на атмосферата, особено во западна Македонија ќе постојат услови и за ледени врнежи, што значително го зголемува ризикот од голомразица на патиштата.
Во текот на овој период ќе дува засилен до силен ветер, најпрво од јужен и југозападен, а потоа од северен правец, кој локално ќе достигнува над 60 километри на час, дополнително влошувајќи ги временските услови.
Снег во градовите од недела
Од ноќта сабота кон недела, како и во текот на недела и понеделник (11 и 12 јануари), врнежите ќе преминат исклучиво во снег, со што ќе се создаде снежна покривка и во поголем дел од пониските места и градовите. На планините и скијачките центри се очекува значително зголемување на снежната покривка, локално над 30 до 40 сантиметри нов снег.
И во Скопје и скопската котлина се очекуваат врнежи кои ќе преминуваат во снег, особено во недела и понеделник, кога се можни услови за формирање на помала снежна покривка, проследена со засилен ветер.
Обилни врнежи и екстремен студ
За време на овој влажен бран, локално ќе наврнат големи количини воден талог, особено во западните делови од земјата, каде може да се измери над 50 литри на метар квадратен.
Температурите ќе доживеат драстичен пад. Веќе од недела и понеделник, на многу места и во текот на денот тие ќе останат под нулата, додека утринските минимални температури ќе се спуштаат до -10, локално и под -15 степени. На планинските предели се очекуваат екстремно ниски вредности до околу -20°C.
Студениот бран веќе го погоди Балканот
Овој арктички бран веќе предизвика екстремен студ во регионот. Во Словенија и Хрватска се измерени температури од -20 до -25 степени, а во Горски Котар и до -23°C. Ладниот воздух постепено се спушта кон југ и токму во следните денови ќе ја покаже својата сила и над Македонија.
Метеоролозите апелираат на зголемена внимателност, особено во сообраќајот, навремено следење на прогнозите и подготовка за зимски услови со снег, мраз и екстремен студ.
