Арктички студ ја парализира Америка: снежна бура зафати повеќе сојузни држави, прогласена вонредна состојба

Силниот арктички бран донесе снег, замрзнат дожд и екстремен студ, со сериозни прекини во сообраќајот и енергетскиот систем низ голем дел од САД.

Силна зимска бура ги зафати југот и истокот на Соединети Американски Држави, носејќи обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и екстремно ниски температури. Невремето веќе предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот и секојдневното функционирање, а метеоролозите предупредуваат дека најлошото допрва следува.

Снег е регистриран во делови од Тексас, Оклахома и Канзас, како и на источниот брег, најавувајќи широка зимска офанзива што, според прогнозите, ќе се прошири од Карпестите Планини до Атлантскиот Океан. Американските власти соопштија дека станува збор за силен арктички бран кој носи услови опасни по живот.

Метеоролошките служби предупредуваат на обилен снег, замрзнат дожд и силни ветрови, што може да предизвика сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија и целосен сообраќаен колапс. Според проценките, речиси две третини од источниот дел на земјата ќе бидат погодени од невремето.

„Ова е навистина опасна бура“, изјави метеорологот Џејкоб Ашерман од Центарот за предвидување на времето во Мериленд, предупредувајќи дека условите се исклучително неповолни и дека граѓаните треба да бидат максимално претпазливи.

Поради сериозноста на ситуацијата, најмалку 16 сојузни држави прогласија вонредна состојба, меѓу кои Њујорк, Вирџинија, Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија и Канзас. И главниот град Вашингтон воведе вонредни мерки со цел побрзо справување со последиците од невремето.

Бурата веќе предизвика сериозни нарушувања во авиосообраќајот, а големите авиокомпании ги предупредија патниците за можни доцнења и откажувања на летови. Надлежните служби апелираат граѓаните да ги следат официјалните соопштенија и да избегнуваат непотребни патувања, особено во најпогодените региони.

Голем број училишта ја откажаа наставата. Властите предупредуваат и на можни прекини во снабдувањето со електрична енергија, поради паднати дрвја и оштетувања на надземните далекуводи под тежината на мразот, додека околу 160 милиони луѓе се под различни нивоа на временски предупредувања.

Според американските медиуми, станува збор за една од најсилните зимски бури во последните години, а последиците ќе се чувствуваат и во наредните денови, со температури значително под просекот за овој период од годината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни