Аризона го тужи Тему за кражба на податоци и масовна инвазија на приватноста

Американската сојузна држава Аризона денеска поднесе тужба против кинеската онлајн-платформа Temu и нејзината матична компанија PDD Holdings, обвинувајќи ги за систематска злоупотреба и кражба на чувствителни податоци од корисниците.

Како што наведуваат државните правни органи, Temu не само што ги доведува купувачите во заблуда за квалитетот на евтините производи, туку собира „шокантни количества“ податоци и тоа без нивна согласност.

Тужбата, која ја објави државната обвинителка Крис Мејс, опишува длабока загриженост: апликацијата, тврди таа, прибира GPS-локации, информации од други апликации на телефонот, како и технички податоци што во најекстремен случај можат да создадат детален профил на движењето и навиките на корисникот.

„Temu може да детектира буквално секое место што го посетувате, лекар, библиотека, политички настан, домови на пријатели,“ предупреди Мејс. „Размерите на инвазијата на приватноста се огромни. Ова е веројатно најсериозното прекршување на аризонскиот Закон за заштита на потрошувачите што сум го видела.“

Загриженост за кинеската јурисдикција

Во тужбата се истакнува и клучна геополитичка компонента: Temu работи под јурисдикција на Кина, земја која по закон може да им нареди на кинеските компании да достават податоци до Владата во Пекинг. Тоа, според Аризона, претставува дополнителен ризик за американските потрошувачи.

Тужителите тврдат и дека апликацијата е наменски програмирана така што избегнува безбедносни проверки и истраги, што дополнително го зголемува сомнежот за недозволени активности.

Обвинувања и за кражба на интелектуална сопственост

Мејс посочи дека Temu „дере кожа“ од локалните бизниси преку копирање брендови и заштитени дизајни, вклучувајќи производи поврзани со Државниот универзитет на Аризона.

Темu ги негира сите обвинувања.

Аризона не е првата што презеде правни чекори. Во последните години, слични тужби против Temu беа покренати и во Кентаки, Небраска и Арканзас, при што сите ги посочуваат истите проблеми: лоша заштита на личните податоци, манипулативни практики и ризик од странско надворешно влијание.

Како што засега стојат работите, судската битка околу Temu само што почнува и би можела да стане ново клучно поле на судир меѓу американските регулатори и кинеските технолошки гиганти.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни