15 години Фестивал на креативен документарен филм

Копање емоции по архивите на МакеДокс

МакеДокс е многу кромид, многу љубов, многу убави луѓе, многу позитивна енергија и убави филмови

Годинава „МакеДокс“ слави 15 години. На јубилејното издание кое фестивалот го посвети на архивите, на тоа скапоцено наследство што нè претвора во времепловци, ние решивме да „копаме“ по архивите на фестивалот. Да се присетиме на почетоците, да ѕирнеме во спомените, да се навратиме на филмовите и на луѓето кои што го одбележаа фестивалот и да ја раскажеме неговата приказна.

За МакеДокс разговаравме со Сара Феро и со Дарко Набаков. Почнавме со тоа што е МакеДокс?

МакеДокс е многу работи. МакеДокс пред се го прави една огромна екипа на луѓе кои се дел од нашиот тим, големиот број на млади волонтери кои што секоја година се дел од фестивалот и го прават да биде тоа што е. Покрај тоа, МакеДокс се муабетите под смоква кои што се случуваат секој ден за време на фестивалот. МакеДокс се работилниците кои што секоја година се различни. МакеДокс е детската програма. МакеДокс е МакеКоПроДокс Форумот. МакеДокс се прашањата и одговори со авторите после проекциите и уживање во документарните филмови…Во една реченица, МакеДокс е многу кромид, многу љубов, многу убави луѓе, многу позитивна енергија и желба – вели Сара Феро од МакеДокс

Дарко Набаков и Сара Феро во Куршумли Ан зборуваат за МакеДокс

МакеДокс започна пред 15 години и се развиваше од година во година. Почна во Куршумли Ан, а денес има проекции во 4 кино сали, 3 под отворено небо, една во затворено, пред Музејот на Македонија, Сули Ан и во МКЦ. Но МакеДокс не е само фестивал, тој се равиваше и надвор од фестивалските денови и овие 8 години и успеа да влезе и во училиштата и во над 100 населени места низ земјава. МакеДокс влезе во средните училишта и на факултетите.

Наградениот постер на МакеДокс

– МакеДокс почна како ицијатива за да го донесе документарниот филм пред македонската публика, да и покаже што е креативен документарен филм и да проба да ја заљуби публиката во таа форма. И мислам дека успешно се развива овие 15 години, дека некако од една минимална публика МакеДокс некако остана фестивал препознатлив по тоа дека е секогаш полн со публика, што е знак дека документарниот филм влијае позитивно врз македонската публика, македонската публика е љубител на документарецот –  Дарко Набаков, МакеДокс

Кои се моменти за паметење, ги прашавме Дарко и Сара

– Ги има многу. Како последна желба што ни се оствари беше тоа Сули Ан да стане наше летно кино, да се прошириме во чаршијата. Имавме прекрасен мастер-клас на Виктор Косаковски пред некоја година. Ја имавме Хелена Тештикова како специјален гостин на фестивалот. Никој не може да ја заборави премиерата на „Ханиленд“ која што беше на 3 локации истовремено и после тоа имавме одличен концерт во Куршумли Ан за затварање на фестивалот. И има многу, многу, многу- вели Дарко.

Едно од обележјата на фестивалот е кромидот. Дарко ќе каже „Тоа е слика за документарецот всушност. Самиот документарец е како кромид, тој е составен од повеќе слоеви и за да дојдете до неговото јадро вие треба да ги тргнете останатите слоеви. Секогаш од стар кромид ако го ставите во плодна почва може да израсне нов, може повторно и повторно значи да се кажуваат нови приказни. Не е за секого, мириса, не е пријатен, не е за црвениот тепих и често кога го сечеме плачеме„ И можеби тоа е најточната вистина за фестивалот кој е направен да биде по мерка на оние кои вистински ја сакаат магијата на документарниот филм.

Постерот како обележје на МакеДокс е еден од предизвиците на секое ново издание на фестивалот. Уметност сама по себе која го живее свој живот и својата слава.

– Можеби најзначајното нешто за нас кога се спрема секое ново издание е постерот и секош се трудиме тој да биде поразличен, да го обележи она што го правиме годината, да го обележи фокусот на фестивалот, така што е баш голем предизвик да се дојде до последното решение. За мене лично најдраг постер ми е постерот од 2016 година со кој што имаме добиено и награда за најдобар постер – вели Сара.

МакеДокс е многу повеќе од десетте фестивалски дена во август, ќе кажат организаторите. Со МакеДокс се живее 365 дена во годината.

-Преубаво е да се живее со МадеДокс. Некако цела година имаш мотивација да работиш на нешто толку значајно, да се спремаат различните активности, бидејќи како што рековме МакеДокс не е само фестивалот, МакеДокс го прават повеќе слоеви, така што ние буквално секојдневно со тоа живееме и работиме на нови и нови иницијативи, така што многу е убаво да се живее со МакеДокс.

МакеДокс 15 години од сега…

– Се надевам искрено дека ќе си го задржи нивото на работите што ги прави, се надевам дека ќе порасне ама дека нема да стане преголем, туку ќе го задржи тоа убавото што го има сега. А тоа е многу љубов, многу убави луѓе, многу позитивна енергија и желба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни