Архитектонска изложба „ФАБ ЛАБ:Природно осветлени фабрики“

Во вторник, 17.12.2024 година со почеток во 19:00 часот во галеријата на Архитектонски факултет Скопје ќе се отвори архитектонската изложба „ФАБ ЛАБ: Природно осветлени фабрики“.

Архитектонската изложба ФАБ ЛАБ: Природно осветлени фабрики ги претставува  резултатите од истоимениот научно истражувачки проект, работен на Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот опфаќа истражување на 46 фабрички објекти изградени во Македонија во втората половина на XX век. Овој период од 150 годишната историја на индустриска архитектура во Македонија е особено важен и вреден за истражување поради интензивната изградба на индустриски објекти и изразеното влијание на индустријата врз просторниот развој на градовите.

Тема на проектот е типологијата на Природно осветлени фабрики како специфична форма на индустриски објекти која се карактеризира со: изразена флексибилност на производниот простор, интензивно природно осветлување преку отвори на фасадата и кровот, визуелно поврзување со надворешноста и лесна ориентација во внатрешноста на објектот.

Темата е избрана како реакција на се поприсутната пракса на проектирање индустриски, спортски, трговски и други јавни објекти каде нормата на природно осветлување е напуштена и внатрешноста во најголем дел е вештачки осветлена.

Целта на истражувањето е да се разбере основниот принцип на проектирање преку интегрирање на дневната светлина во индустрискиот простор, и да се прикаже природната светлина како најзначаен елемент во проектирањето кој влијае на обликувањето, ориентацијата и лоцирањето на индустриските објекти.

Изложбата прикажува 20 објекти опфатени со истражувањето, кои соодветно на архитектонските елементите кои се користат за осветлување се поделени во четири групи, именувани како: Шедови, Лантерни, Фасадни и Специфични.

Изложбата ќе трае до 25 декември, 2024 година и може да се посети од 09:00 до 18:00 часот.

За авторот на изложбата:

Горан Мицковски е вонреден професор на Архитектонскиот факултет при Унивезитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде работи на катедрата за Индустриски и стопански згради. Негово главно поле на интерес е архитектурата на индустриските објекти, Тој е особено заинтересиран за архитектурата на индустриското наследство, процесите на трансформација на индустрискиот простор и новите индустриски типологии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни