Почна реконструкцијата и конзервацијата на средновековната кула Пирго на планината Беласица

Почна реконструкцијата, конзервацијата и уредувањето на просторот околу Кулата Пирго, над селото Мокриево на планината Беласица.

Археолози од „Завод и музеј Струмица“ го почнаа и арехеолошкото доистражување на Кулата, која се спомнува во легендите и се памети во историјата како славно историско место особено во контекст на времето на Цар Самуил и битката на Беласица.    

Според археологот д-р Душко Цветанов, археолог по средновековна историја, кој заедно со археологот м-р Зоран Рујак, раководат со истражувањата, станува збор за Кула која е изградена во 5 и 6 век, најверојатно во шестиот век кога имало големи градежни активности на византискиот император Василиј Први.

„Кулата има маркантни димензии, со квадратна основа 10 на 10 метри, дебелина на ѕидовите некаде околу 3 метри. Изградена е во техника со добро обработени изделкани камења со добри внатрешни и надворешни лица и внатрешноста била исполнета со поситни камења, а како средство за поврзување бил употребен малтер од вар. Подоцна овие објекти со делумни обновувања биле користени и во наредните векови и најверојатно оваа кула била во функција во периодот на Самоуловото царство“, вели Цветанов.

Според Бранко Ѓоргиев, директор на НУ „Завод и Музеј Струмица“, целта е да се врати оригиналниот лик на кулата.

„Во 2011-2012 година за прв пат беа извршени сондажни археолошки истражувања на локалитетот ,,Пирго“, кој се наоѓа југоисточно од селото Мокриево, кое лежи во подножјето на планината Беласица. Иако тие траеја сосема кратко, беше откриена и истражена една централна кула со маркантни димензии. Најверојатно, до самата кула немало други придружни објекти, но тоа досега не е воочливо поради густата вегетација и столетните дрвја кои се простираат на овој простор“, вели Ѓоргиев.

Додава дека археолошките истражувања на локалитетот Пирго-Каљ’ната во месноста Мокриево претставуваат прв напор во обидот да се истражуваат објектите во подножјето на Беласица кои имаат можност да бидат поврзани со Самоиловите војни и настаните околу Беласичката битка. 

„Тргнувајќи по легендите кај месното население кои локалитетот го поврзуваат со Самоиловите војни, отпочнавме истражувања кои покажаа дека на оваа позиција се појавува набљудителна кула од доцноантичкиот-рановизантиски период која, најверојатно, била користена и во текот на средновековитето“, додава директорот на „Завод и Музеј Струмица.

Конзервацијата ја финансира Општина Ново Село откако изминатиов период  НУ „Завод и Музеј Струмица“ изработи основен проект. 

Инаку Пирго е позната локација каде, особено на пролет и во лето, месното население и многу гости често прават излети и се организират настани.

Годинава, на 29 јули се навршуваат 1011 години од Битката на Беласица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни