Аргентина планира да го отстрани фемицидот од својот кривичен законик

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи минатата недела на Светскиот економски форум во Давос изјави дека „радикалниот феминизам е искривување на концептот на еднаквост“

Администрацијата на претседателот Хавиер Милеи Аргентина соопшти дека планира да го отстрани фемицидот од својот кривичен законик, нанесувајќи им нов удар на правата на жените во земјата. Ваквите најави предизвикаа бурни реакции во Аргентина.

И министерот за правда Маријано Кунео Либарона неодамна објави дека владата има намера да спроведе реформа преку Конгресот за да се елиминира правниот концепт на фемицид.

„Оваа администрација ја брани еднаквоста пред законот содржан во нашиот национален Устав“, напиша Кунео Либарона на мрежата X. „Ниту еден живот не вреди повеќе од друг“.

Фемицидот, убиство на жена од маж поради нејзиниот пол, беше додаден во аргентинскиот кривичен законик како специфичен прекршок во 2012 година и се казнува со доживотна казна затвор.

Сепак, според активистите за правата на жените, бројот на фемициди остана висок – со стотици такви убиства пријавени секоја година. Минатата година се регистрирани околу 295 фемициди, наспроти 322 во 2023 година и 242 во 2022 година, покажуваат податоците на Опсерваторијата за фемициди на Канцеларијата на Националниот омбудсман.

„Елиминирањето на фемицидот како правна категорија би ги ставило жените и девојчињата во поголем ризик“, напиша на мрежата Х Мариела Белски, извршната директорка на Амнести Аргентина.

Говорејќи на Светскиот економски форум во Давос минатата недела, аргентинскиот претседател Милеи ја критикуваше „злобната агенда на будењето“ и рече дека „радикалниот феминизам е искривување на концептот на еднаквост“.

„Дојдовме дури и до точка да го нормализираме фактот дека во многу наводно цивилизирани земји, ако убиеш жена, тоа се нарекува фемицид“, рече во својот говор екстремно десничарскиот популист. „И ова носи посериозна казна отколку ако убиете маж едноставно врз основа на полот на жртвата – законски да направите животот на жената да вреди повеќе од животот на мажот“.

Не е јасно кога предложената реформа на Кривичниот законик ќе биде претставена на Конгресот и дали малцинската влада на Милеи ќе има доволно поддршка да ја усвои мерката.

Аргентина долго време се смета за една од најпрогресивните земји во Латинска Америка кога станува збор за мерките за родова еднаквост и различност, но тоа се смени со администрацијата на Милеи откако тој ја презеде функцијата во декември 2023 година. Веднаш биле укинати Министерството за жени и потсекретаријатот за заштита од родово насилство. Во ноември минатата година, Аргентина беше единствената земја што гласаше против резолуцијата на ОН за промовирање на крајот на сите форми на онлајн насилство врз жените и девојчињата.

Неговиот став против она што тој го нарекува „родова идеологија“ доби на интензитет овој месец по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, сојузник и обожавател на Милеи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни